Одбележана Европската недела на имунизација

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска присуствуваше на одбележувањето на Европската недела на имунизација, што се одржа во Градскиот парк во Скопје.

Иако кај другите видови вакцини процентот на имунизација оди до 98 отсто, ХПВ вакцината ја примиле само 56 отсто од младата женска популација. Медицинските работници информираат дека целта не е да се изречат високите казни за родителите кои не сакаат нивните деца да ја примат вакцината, туку да им помогнат да се превенира честото заболување.

- Целта ни е да ги убедиме родителите дека вакцината е безбедна, ефикасна, дека не е воопшто опасна, а ќе ги заштити девојчињата од карцином на грло на матката. Ништо не сме направиле ако ги казниме, а девојчињата останат и натаму незаштитени, изјави Јованка Костовска, раководител на Сектор за превентивна здравствена заштита во Министерството за здравство.

Само 56 проценти од девојчињата на 12 годишна возраст примиле ХПВ вакцина. Иако и оваа вакцина е задолжителна, дел од родителите се уште не сакаат да ги вакцинираат своите ќерки, плашејќи се од евентуални несакани последици.

Од Комисијата за заразни болести информират дека ХПВ вакцината е сигурна. Од 20.000 девојчиња кои досега биле вакцинирани, немало никакви несакани ефекти. 200 родителите кои не ги вакцинирале ќерките биле казнети со по 500 евра.

Другите вакцини ги примиле дури 98 проценти од децата. Ризикот од некоја вакцина е многу мал.

- Од ДТПР-вакцините добиваме 10 несакани ефекти годишно, а од МРП и од ХИП добиваме од 3-4 несакани ефекти. Меѓутоа и тие се или зголемена температура или конвулзии, појасни Костовска.

За време на Неделата за вакцинација, мобилни тимови од Министерството ќе ги бараат децата кои досега не биле вакцинирани. Најчесто тоа се деца од ромската популација или деца кои живеат во рурални средини.