Министерот Адеми, амбасадорот Волерс и градоначалникот Тодоровиќ собираа отпадоци на Водно

Министерот за животна средина и просторно планирање, Абдилаќим Адеми, амбасадорот на САД, Пол Волерс и градоначалникот на општина Центар Владимир Тодоровиќ денеска собираа отпадоци на Водно, во рамки на активностите по повод 22 Април - Денот на планетата Земја 2012.

Настанот е во организација на Амбасадата на САД во Скопје и Центарот за еколошка демократија Флорозон од Скопје.

- Тука сме за да го означиме 22 Април - Денот на планетата Земја. Го одбележуваме овој ден токму денеска за да собереме повеќе луѓе на Водно. Во САД овој ден почна да се слави во 1970 година. Кај нас тогаш свеста на луѓето за животната средина беше на ниско ниво, а луѓето фрлаа отпадоци. Сега по 40-тина години, луѓето воопшто не помислуваат да фрлаат отпадоци, рече амбасадорот Волерс и додаде оти преку овој настан заеднички се прави нешто за зачувување на животната средина.

Тој потенцира дека сакаат истото ниво на свест да го има и во Македонија, и да се зачува прекрасната природа, како Водно, Матка, Пелистер, Тиквеш... 

Според министерот Адеми, со чистењето на падините на Водно ќе се придонесе во заштитата на животната средина, а ќе се подигне и свеста кај граѓаните.

- Со фактот дека денеска во неколку општини во Македонија се организира пилот-проект за Македонија без отпад и тоа што сме тука, покажува дека оваа проблематика е комплексна. Ние, сами како институција не можеме да го решиме овој проблем и ни треба поддршка, која ја имаме од НВО, од општините и од меѓународнта заедница, рече Адеми.

Градоначалникот Тодоровиќ информира дека општина Центар веќе пет години го одбележува 22. Април. Учениците од основните училишта од општина Центар, в среда, на улица „Македонија“ ќе ги претстават своите проекти за заштита на животната средина.

Кирил Ристовски од Центарот за еколошка демократија Флорозон истакна дека настанот има за цел да се собере што е можно повеќе отпад од падините на Водно и да се укаже на потребата од дополнителна заштита на овој предел од Скопје.

- Како НВО, ние досегашните напори на Владата ги оценуваме како крајно позитивни. Во споредба со минатиот период, нештата одат напред и се помалку гледаме расфрлан отпад на скопските улици и во природата, рече Ристовски.

Во акцијата се вклучија претставници од Црвениот крст на Град Скопје, од Младинскиот образовен форум, од повеќе невладини организации...