Потпишaн Меморандум за соработка помеѓу МОН и Црвениот крст на Македонија

Министерот за образование и наука  Панче Кралев и генералениот секретар на Црвениот крст на Македонија Саит Саити денеска потпишаа Меморандум за соработка со кој уште еднаш се потврдува и зацрвстува соработката помеѓу Министерството и Црвениот крст.  

Дел од активностите што ќе се реализираат во образовните институции, како што истакна министерот Кралев, се промовирање и унапредување на доброволното крводарување во основните и средните училишта, како и високообразовните установи, реализирање на активности од прва помош поради важноста од неа во секојдневниот живот и во услови на катастрофи и елементарни непогоди, унапредување на социјалната вклученост и култура на ненасилство и мир, промовирање на основните принципи на меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина, промоција на хумани вредности, реализација на активности за подигнување на јавната свест за заштита и самозаштита во случај на катастрофи и друго.

- Секако цел на овој Меморандум е на некој начин да ги поттикне сите кои се директно или индиректно дел од образовниот систем во Република Македонија активно да партиципираат во големиот број на акции кои ги спроведува Црвениот крст и кои имаат хуманитарен карактер, рече Кралев.

Генералниот секретар на Црвениот крст Саит Саити рече дека Меморандумот за соработка што ќе значи обезбедување на идна координација за сите активности кои досега беа работени во соработка со МОН и изрази надеж дека оваа правна рамка дополнително ќе даде импулс и поттик на сите досегашни чинители и субјекти вклучени во работењето на Црвениот крст и на Министерството. 

- Сметам дека со еден ваков документ дополнително ќе се зголемат ефектите од нашето работење и резултатите. Сите оние области што се опфатени со Меморандумот и крводарителството, и првата помош, и промоцијата на хуманите вредности, на принципите на Црвениот крст, особено делот на меѓународното хуманитарно право се нешта кои оставаат простор за дополнителен ангажман и се во рамките на тоа што значи подготовка на нашето општество за поефикасно вклучување во евроинтеграциите односно разговорите што следуваат, рече Саити.