Владата го усвои ребалансот на Буџетот за 2012 година

Владата го усвои ребалансот на Буџетот за 2012 година, со кој има намалување меѓу 4,5 и 5 отсто. Министерот за финансии Зоран Ставрески вечерва соопшти дека ребалансот предвидува намалување на вкупните буџетски расходи за 7,6 милијарди денари и намалување на буџетските приходи за 7 милијарди и 390 милиони денари.

Кратењето е поради рецесијата на голем број земји нво ЕУ, што предизвика последици и во македонската економија и во буџетските приходи во првите три месеци од годинава. Со ребалансаот ќе се подобри ликвидноста во домашната економија.

- Намалувањето на приходната и расходната страна се движи меѓу 4,5 и 5 проценти од оригиналниот Буџет за 2012. Има намалување кај сите министерства и ниедно од нив не е поштедено. Секаде ќе има штедење кое е сконцентрирано, главно, на три категории - стоките и услугите, трансферите и капиталните расходи, истакна министерот Ставрески.

Ниеден капитален проект нема да биде запрен со ребалансот и за сите има средства.  Ќе се штеди само кај тие што се реализираат со побавна динамика или кај оние за кои е утврдено дека намалувањето на средствата до крајот на годинава нема да им наштети.

Ставрески рече дека проекцијата на Владата за БДП во 2012 е тој да изнесува 2,5 проценти. Притоа во предвид биле земени негативните резултати во индустриското производство во првите три месеци.

- Нашите очекувања се дека во останатите три квартали од годината ќе има подобрување на економската состојба и со антиципираната негативна стапка за првиот квартал, вкупно за цела 2012 очекуваме раст на македонската економија од 2,5 проценти, рече Ставрески. Проекцијата, рече тој, е блиску на 2 процента раст на македонската економија колку што предвидува ММФ.

Министерот рече дека во 2012 се предвидува умерена инфлација од 2,8 проценти и дека, главно, таа е одраз на порастот на цените во изминатите неколку месеци, а под влијание на цените на нафтата на светските берзи.

Владата донела и одлука за задолжување кај „Дојче банк“ за 250 милиони евра за да се финансира Буџетот за 2012 и да се рефинансираат обврските по основ на еврообврзницата што доспева во јануари 2013 година. Ставрески информираше дека понудата на „Дојче банк“, најголема европска комерцијална банка, била најдобра меѓу понудите на три банки.

- Позајмицата е 250 милиони евра на петгодишен рок, со отплата на крајот на петтата година, со фиксна каматна стапка од 6,83 проценти во моментов. Тоа е исклучително добра каматна стапка, иамјќи предвид под кои околности се задолжуваа другите земји од регионот и пошироко во Европа во исто врме, рече Ставрески.

Посочи дека со добивањето на позајмицата од „Дојче-банк“ Македонија ќе нема потреба од  користење на средства од ПЛЛ аранжманот со ММФ. Додаде и дека ова е потврда дека државата има  реноме штом добива позајмица од банка со најголема актива и најголем износ на финансиски средства од сите банки во Европа.