Попоски разговараше со амбасадорите на земјите од регионот за процесот на евроинтеграција

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска имаше работна средба со амбасадорите на Хрватска, Црна Гора, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово.

Целта на средбата, како што соопшти Министерството за надворешни работи, било запознавање со активностите кои ги презема Република Македонија во рамките на процесот на пристапување во ЕУ, како и размена на мислења за актуелни прашања од билатералната и регионалната соработка во контекст на евроинтеграцијата.

Попоски се осврна на претстојното почнување на пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Владата на Макеоднија и Европската комисија на 15 март 2012 година во Скопје, во присуство на еврокомесарот Филе.

- Пристапниот дијалог е нова платформа за соработка и продлабочена дебата со Комисијата за значајни теми поврзани со Копенхашките критериуми, и тоа владеење на правото, реформа на јавната администрација, медиуми, реформа на изборниот процес и економски критериуми за функционална пазарна економија. Дијалогот ќе трае сè до почетокот на пристапните преговори со ЕУ, што останува примарна цел и заложба на Македонија и нашите напори ќе продолжат да бидат насочени кон нивно што е можно поскоро отворање, подвлече министерот Попоски. 

Говорејќи за состојбите во регионот, министерот ја посочи важноста на перспективата за членство во ЕУ и потребата таа да се одржува силна,  визибилна и кредибилна. Упати честитки до амбасадорите за постигнувањата на нивните земји на планот на евроинтеграцијата, нагласувајќи дека успехот на секоја земја е успех и за целиот регион.

Македонија, како и досега, ќе продолжи со проактивниот и конструктивен придонес за унапредување на билатералната и регионална соработка, во духот на добрососедските односи и пријателство, меѓудругото и преку Претседателството со Процесот за соработка во Југоисточна Европа кое ќе го преземе во јуни оваа година од Србија.

Амбасадорите посебно ги нагласија одличните односи со Република Македонија, и во тие рамки, поддршката и севкупната меѓусебна соработка на планот на евроинтегративниот процес, без разлика на достигнатиот степен и статус во тој процес од првостепена надворешно-политичка цел. Заеднички било констатирано од нивна страна дека Република Македонија, која се соочува со подолг застој во овој процес и покрај исполнувањето на критериумите и добиените препораки, час поскоро треба да ги отпочне преговорите за членство во ЕУ, се вели во соопштението на МНР.

Од нивна страна е оценето дека тоа не само што ќе има силен поттик за севкупниот развој на Република Македонија, туку ќе претставува и најзначајниот сигнал за охрабрување на останатите земји да продолжат со реформите и приближувањето кон ЕУ и значително ќе придонесе и за мирот, стабилноста и економскиот развој на целиот регион.