Презентирани можностите за инвестирање во Македонија на бизнис-форумот во индискиот град Пуне

Владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски денеска (вторник, 6 март 2012 година) присуствуваше на бизнис форум “Растечките инвестициски и трговски можности во Македонија” во индискиот град Пуне.

На форумот се обрати г-дин Арвин Капур, претседател на Индиската асоцијација за авто компоненти, и сопственик на компанијата Рико Ауто Индустрис, кој истакна задоволство од запознавањето со економските потенцијали на Македонија, затоа што автомобилските компании бараат нови локации кои нудат намалени трошоци за производство.

Премиерот Никола Груевски истакна дека многу мултинационални компании ја избираат Македонија за порта кон европски пазар поради одличната географска локација и договорите за слободна трговија со Европската унија.

Како причини за економската соработка ги наведе нискиот и рамен данок од 10% за персоналниот доход и за добивката, и ослободувањето од оданочување задржаната добивка, како и постепеното намалување на социјалните придонеси за една третина. Дополнителни аргументи за водење бизнис се длабоките административни и регулаторни реформи.

Премиерот ги потенцираше инвестициите во човечки капитал, и со оглед на тоа што конкурентноста во глобализираниот свет зависи од квалификациската структура на работната сила, Македонија силно инвестира во високото образование, а буџетските трошоци за образованието се подигнати на ниво од 6% од бруто домашниот производ, а драстично е подобрен и пристапот до математичките, техничките и информатичките науки.

Пред присутните се обрати и Раџив Капур, претседател и извршен директор на автомобилскиот гигант Фиат Тата Индија, кој посочи дека фактот што македонскиот премиер е лично присутен покажува огромна сериозност и посветеност која што влева доверба кај индиските компании. 

Своја презентација имаше и заменик претседателот Зоран Ставрески, кој зборуваше за податоците на макроекономски план, за реформите во катастарот, како и за стабилноста на банкарскиот сектор во Република Македонија.

Презентации имаа и министерот Бил Павлески и директорот Виктор Мизо.

Присутните ја проследија и презентацијата на претставникот на Џонсон Мети, Сандип Бишт, кој ги пренесе позитивните искуства што оваа компанија ги има од деловните активности во Македонија. 

На форумот присуствуваа претставници на повеќе глобални компании од автомобилската индустрија во Индија, меѓу кои директорот на Џенерал Моторс Индиа, Раџив Гупта, потоа сопственикот на индиската компанија за авто делови Ананд Аутомотив, Сандип Балоџа, а исто така на форумот беше присутен и претставник на познатата и голема мултисекторска индиска компанија Рилајанс, Сантош Шарма.   

Владината делегација во текот на утрешниот ден ќе одржи презентација на инвестициските можности на Македонија пред заинтересираните индиски компании во Бомбај.