Прв состанок на Националниот совет за одржлив развој

Во Владата на Република Македонија денеска беше одржан првиот состанок на Националниот совет за одржлив развој кој е предвидено да се срeќава два пати годишно и има за цел исполнување на активностите на Стратегијата за одржлив развој и нивна координација во насока на развој на македонската економија според европските вредности за зелен енергетски ефикасен и одржлив економски раст.

Стратешка цел на Советот е да ги опфати економските, социјалните и останатите димензии на животната средина до 2030 година. Во него се вклучени министрите од клучните министерства за имплементација на стратегијата, како и претставници на Собранието, МАНУ, стопанските комори, експерти и претставници на НВО секторот.

- Владата во изминатиот период спроведе бројни реформи со цел да се исполнат економските критериуми за членство на Македонија во Европската унија. Стратегијата за одржлив развој има цел да обезбеди и да даде насоки за зголемен економски раст на државата, но во исто време да обезбеди насоки за соодветна заштита и унапредување на животната средина, изјави по состанокот вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски.

На првиот состанок, информираше вицепремиерот, беа дискутирани проекти кои се спроведуваат од страна на Светската банка, УСАИД и УНДП што претставуваат техничка поддршка на работата на Владата и имаат цел да создадат цврста аналитичка основа врз која ќе се дефинираат насоките на политиките во процесот на имплементација на Стратегијата за одржлив развој.

- При креирањето на политиките за раст и развој во сите области, потребно е да се земаат предвид елементите за одржлив развој и за сочувување на животната средина. Македонија е една од земјите лидери во регионот во делот-анализа на стратегиите за одржлив развој на сеопфатен начин, додаде Пешевски.

Заменик-министерот за животна средина Стево Темелковски рече дека долгорочниот одржлив развој подразбира перманентен економски раст, кој освен економска ефикасност обезбедува унапредување на здравствените услови, намалување на сиромаштијата, подигање на квалитетот на животот и спречување на идното загадување.

- Една од најважните цели на стратегијата е отворање на нови работни места и намалување на стапката на невработеност, нагласи Темелковски.

Според регионалниот директор за Југоисточна Европа за Светска банка, Џејн Армитраж за владите е се потешко да го урамнотежат економскиот развој со еколошката одржливост и потребно е да се избере правец на развој што ќе овозможи поголеми приходи и чиста и еколошки безбедна иднина.

На настанот беа доделени три награди на победниците кои изработија најдобар есеј на тема „Зелен развој“ во организација на Светска банка.