Министерот Попоски се сретна со пратеничка група од шведскиот парламент

Денеска, министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, ја прими пратеничката група на Парламентот на Кралството Шведска, надлежна за соработка со Собранието на Република Македонија.

На средбата, министерот Попоски, како особено корисна ја оцени минатогодишната одлука на шведскиот парламент за основање пратеничка група за шведско-македонско пријателство, изразувајќи очекување дека парламентарната дипломатија ќе придонесе и за севкупно унапредување на односите меѓу двете земји.

Во разговорот, министерот Попоски ги презентираше приоритетите на Република Македонија во надворешната политика, посебно нагласувајќи ги интересите на Република Македонија за скорешно интегрирање во европските и евроатлантските интегративни процеси. Изрази очекување дека поддршката од Шведска за Република Македонија ќе продолжи и во иднина, како на билатерален, така и на мултилатерален план.

На средбата беа разменети и мислења за актуелните меѓународни прашања, како и за регионалните теми.