Промовирани 18 наслови од владиниот проект за превод на 1.000 стручни книги

„Земјоделска економија“, „Ветеринарна медицина“, „Лековити билки“, „Наука за атмосферата“, „Наводнување на земјоделските култури“ се меѓу 18-те нови преведени наслови од владиниот проект за превод на 1.000 стручни книги и учебници од кои се учи на најреномираните универзитети во светот.

Тие денеска беа промовирани на Факултетот за земјоделски науки и храна и со нив вкупниот број на преведени, отпечатени и дистрибуирани научни книги е 562.

На оваа, 33-та промоција на преведени наслови, премиерот Никола Груевски истакна дека стратегијата на Владата за капитални проекти во високото образование се спроведува со несмален интензитет од 2007 година и дека според предвидената динамика се набавуваат лаборатории и се обезбедува стручна литература за факултетите.

- Во минатото 99 отсто се учеше или од локални учебници, некои од нив доста слаби и со лош превод или од диктирано на часови и од скрипти избледнети од фотокопирање. Тоа беше слика што не може да ја води Македонија напред, рече Груевски, посочувајќи ги мотивите за овој крупен проект, со кој на студентите и професорите им е обезбеден превод на учебници кои се најнови во современата светска научна мисла, на кои се учи на врвните универзитети, како Харвард, Оксфорд и Кембриџ.

Потсети дека е прва интервенција на државата во овој сектор. Пред пет години Владата решила да го помогне издавањето зашто таков потфат тешко се реализира на мал пазар и е голем товар за издавачите. Критериум бил авторите да се професори на првите десет универзитети рангирани на Шангајската листа, освен од областа на правото  кои се, главно, од Франција и Германија.

- Ако се има респект кон науката и авторите,  но и кон себеси и студентите, овие книги треба да бидат примарна литература, а не помошни помагала, рече претседателот на Владата, повикувајќи ги професорите да ги користат учебниците кои покрај знаење, на студентите ќе им влеат и самодоверба поради сознанието дека учат од исти квалитетни учебници како и нивните врсници во светот.

Министерот за образование и наука Панче Кралев рече дека е убеден оти новите изданија ќе придонесат за оформување на академски профил со знења и вештини кои се неопходни  за профитабилно  производство и управување со природните ресурси.

- Со овие изданија значително ќе го зголемиме фондот на книги во библиотеките. Во тек е и постапка за превод на 10 дополнителни книги од областа на претприемништвото и 10 книги-биографии за успешни светски претприемачи, во рамки на проектот на Владата за поттикнување на претприемништвото во Македонија, информираше министерот Кралев во изјава за медиумите.