Владиниот Комитет за решавање на проблемите поврзани со управувањето со отпад ја одржа својата 19-та седница

Владиниот Комитет за решавање на проблемите поврзани со управувањето со отпад, ја одржа својата 19-та седница на која се разгледуваа повеќе точки од односната материја.

Комитетот донесе заклучок со кој ќе се предложи определување на традиционален ден кој ќе има за цел подигнување на свеста за живот во здрава средина и отстранување на отпадните материи. Денот за подигнување на свеста би имал симболично име “Македонија без отпад”, и оваа година би се реализирал на 21 април, како пилот проект на територијата на Град Скопје. Проектот “Македонија без отпад” од следната година би се проширил на територијата на целата држава.

На состанокот се разгледуваа прогресот и динамиката на реализација на проектот за интегрирано регионално управување со отпад.

Беа разгледани и модалитетите за користење на концептот на јавно-приватно партнерство во оваа област, како и можностите за користење на ИПА фондовите за оваа намена.

Комитетот ја разгледуваше и материјата за интензивирање на постапката за формирање на регионални тела за управување со отпад во осумте плански региони. Беше заклучено локалната самоуправа да насочи поголемо внимание кон едукација и обука на службите кои имаат ингеренции во постапувањето со материјата на третирање на отпадот и отпадните материи.

На седницата беа разгледани и извештаите на инспекторатите од министерствата за животна средина и просторно планирање и за транспорт и врски.