Премиерот Груевски најави изградба на нов Клинички центар

Премиерот Никола Груевски денеска објави изградба на нов Клинички центар. Новиот објект ќе се наоѓа во центарот на сегашниот Клинички центар со површина од 50.000 метри квадратни во кој ќе бидат сместени најголем дел од постоечките клиники освен Детската, Инфективната и Стоматолошката.

Хирушките клиники и новата Гинекологија ќе бидат поврзани со „топла врска“ со новиот објект. Во април ќе се распише оглас за идејно решение. Градбата се очекува да почне за една година.

- Во здравството уште дел од апаратурата треба да биде донесена, се прави реконструкција на повеќе згради, објекти, болници, клиники, јавни здравствени установи низ цела Македонија. Следува и една крупна инвестиција во Клиничкиот центар. Имено, пресметавме дека реновирањето на преостанатите објекти ќе не чини приближно исто како да изградиме еден нов голем објект, изјави Груевски кој заедно со министерот за здравство присуствуваа на пуштањето во употреба на два нови апарати - ангиограф кој чини околу 1,4 милион евра и магнетна резонанца која чини 1,6 милиони евра на Клиниката за радиологија во Скопје.

Повеќето други клиники, рече Груевски, ќе влезат во склопот на новата зграда, а неколку кои се понови ќе добијат поврзување или „топол премин“ така што сите клиники, освен три кои по природа не треба да бидат во еден објект, ќе бидат во голем објект како што е тренд во целиот свет и како што е многу попрактично.  

Идејата за клинички центар во Бардовци, како што рече, треба да се реализира подоцна, кога во меѓувреме ќе се инвестираат големи средства во изградба на инфраструктура кон населеното место Бардовци затоа што, според него, таму за да има клинички центар со голема фреквенција треба да има големи булевари, големи инфраструктурни зафати, водовод, канализација...

Процесот, рече Груевски, ќе трае многу долго, минимум 7 до 10 години, а во меѓувреме пациентите ќе бидат повторно со овие проблеми со кои се и денес.

- Таа локација за една подалечна иднина останува, постепено ќе се работи на неа, но за блиска иднина, за наредните 10-ина или повеќе години, тука ќе се изгради еден функционален објект кој ќе биде модерно опремен, нова инфраструктура и ќе биде прилично поздрава средина за лекување на пациентите, додаде Груевски.

Одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека само реновирањето на Интерна клиника треба да чини 20 милиони евра, а целата оваа зграда што ќе се изгради нема да чини повеќе од 50 милиони евра.

Ако пресметате што треба да се вложи за реновирање и за другите клиники, појасни Груевски, се доаѓа до сума што е приближна за изградба на нов објект и од тие причини сметаме дека е подобро да се изгради нова зграда, отколку стари згради по 70-80 години да се реконструираат.

Изградбата треба да почне некаде кон средината на следната година и за период од година ипол до две да заврши. - Ќе биде поддржана од Банката за развој при Советот на Европа и веќе е остварен контакт со банката, начелно ни е даден позитивен сигнал дека тоа е добра идеја, дека тие би ја поддржале, рече Груевски.

Според него, двата нови апарати на Клиниката за радиологија се најсовремени и влегуваат во најсовремената опрема што моментално постои во светот и оти лекарите, уште повеќе пациентите и граѓаните на Македонија ќе имаат многу добри услови во однос на третманот на нивното здравје од стручен аспект.

- Ова е крупен чекор напред. Последните година-две овде се инвестирани 5,1 милиони евра во апаратура - опрема која е ставена на располагање на оваа Клиника, односно на пациентите на кои им е потребна, рече Груевски.

Тој посочи дека ова е дел од големиот проект за набавка на опрема низ целата држава, во повеќе градови, болници, јавни здравствени установи и клиники, во износ од приближно 100 милиони евра.

Премиерот истакна дека овој процес ќе продолжи се додека целосно не се заокружи, иако, како што рече, е во самиот финиш.

- Остануваат уште неколку апарати кои се веќе набавени, но се завршуваат последните градежни зафати за да бидат вградени во специјални простории. Мене ми е задоволство што успеваме во овие години да го набавиме тоа што на Македонија и на граѓаните долго им беше потребно, особено и на лекарите кои, покрај третманот на пациентите, со една ваква современа апаратура ќе можат да прават и одлично меѓународно прифатливи и признати научни трудови. Така, не само во медицината, туку и во науката се оди чекор понатаму, додаде премиерот Никола Груевски.