Ивановски го посети СЕМОС каде се одржуваат обуки за невработени лица

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски денеска го посети едукативниот центар СЕМОС каде што се одржуваат обуки наменети за невработени лица за напредни вештини од областа на информатичките технологии.

Во едукативниот центар на СЕМОС се обучуваат 140 кандидати, а 40 во едукативниот центар на СИВУС. Кандидатите беа селектирани со тестирање од вкупно пријавените 1.300 лица кои пројавиле интерес за посета на обуките и добивање на сертификат за информатички вештини. По 20 кандидати посетуваат обука за една од деветте програми.

- Интересот е драстично поголем од минатата година кога имавме помал број луѓе. Им порачав на кандидатите да го следат курсот до крај и да го положат сертификатот којшто чини од 3.000 до 5.000 евра во зависност од програмата, а којшто на пазарот на трудот се повеќе се цени од страна на приватниот сектор, изјави Ивановски.

Тој напомена дека речиси сто проценти од оние кои се сертифицирале успеале да се вработат, а од оние кои што го немаат сертификатот само половина нашле вработување.  

Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски најави допонителни курсеви кои ќе почнат за околу две недели за кои кандидатите веќе се селектирани, а за годинава планирана е реализација на нов проект со кој ќе бидат опфатени 164 нови кандидати.

- Огласот ќе биде распишан во текот на март и може да се пријават сите заинтересирани кои сакаат да се стекнат со ваков престижен сертификат кој во 90 проценти нуди ново, квалитетно вработување за кандидатот, рече Поповски.

Обуките во СЕМОС започнаа на 6 февруари и ќе траат до 11 мај. За да се стекнат со соодветни титули кандидатите ќе треба да посетуваат определен број курсеви и да положат одреден број испити. Полагањето ќе трае до 31 мај по што кандидатите ќе се стекнат со потребните сертификати во зависност од програмите.