Најавена реконструкција на галерискиот простор во Музејот на современа уметност

Галерискиот простор во горниот дел на Музејот на современа уметност (МСУ) од 1.500 метри квадратни ќе се реконструира и адаптира со средства од Министерството за култура.  Санацијата ќе овозможи да се изложат вредни дела кои сега поради несоодветни услови се чуваат во музејските депоа, а  Музејот по две години достојно да го одбележи полувековниот јубилеј.

Музејот денеска го посети министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која информираше дека зафатот ќе почне во мај и ќе заврши до крајот на годинава. Паралелно со реконструкцијата на големата галерија под стаклениот покрив на МСУ, ќе се конзервираат и делата од депоата што ќе бидат изложени во постојана поставка. Таа се очекува да биде конципирана и отворена во првата половина на 2013 година.

Сега се прави главниот проект со сите фази на изведба, а пред да се објави тендер ќе се знае и колку ќе чини санацијата и адаптацијата на просторот.   Министерката истакна дека проектот  е во програмата и дека државата ќе ги покрие сите трошоци. 

 - Во депото има значајна збирка со над 5.000 дела од најразлични ликовни категории. Значајно е Република Македонија како држава да има постојана поставка на која тие дела ќе бидат пред очите на јавноста, рече  Канческа-Милевска.

Директорката на МСУ Елиза Шулевска истакна дека од 1990-тите нема постојана поставка. Посочи дека галерискиот простор ќе биде оспособен за привремени изложби кои сега се поставуваат во партерниот простор под него, во салоните „Македонија“, „Скопје“ и „Пикасо“. Во нив ќе биде постојаната поставка на МСУ која, нагласи Шулевска, е лична карта на секоја музејска установа.   

- Во галерискиот простор немало интервенции, тој е  крајно девастиран и е тоа е тажно, но не грее помислата дека наскоро ќе светне во вистинска смисла на зборот и ќе стане дел од целокупниот објект, рече Шулевска.

Откако ќе се среди галерискиот простор, ќе се интервенира во салонот „Пикасо“, каде што ќе се заменат прозорците. Во двата други ќе има минимални зафати, зашто се уредени - салонот  „Македонија“ пред неколку години беше реновиран со донација на владата на Италија. Салонот „Скопје“, пак, е адаптиран по проект на Кокан Грчев. 

МСУ има и видеонадзор и физичко обезбедување, а во последните четири години има 15 нововработени кои сега работат на конзервација на делата што се чуваат во депоата. Меѓу нив има и многу вредни слики од светски автори, како Пикасо, Вазарели, Хартунг...