Министерот Адеми на средба со Одборот за спас на Велес

Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми со своите соработници и стручен тим, како и директорот на Управата за животна средина Филип Иванов денеска во Велес остварија прва заедничка средба со Одборот за спас на Велес од Топилница.

По средбата, министерот Адеми на прес-конференција вети дека Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање нема да дозволат да се повтори, како што рече, историската грешка со загадувањето од Топилницата.

Тој нагласи дека сите постапки, процедури и одлуки ќе бидат транспарентни, а во нивното донесување ќе бидат вклучени Одборот за спас на Велес од Топилницата и целиот невладин сектор од Велес и од Македонија.

- За да се уверат во ова ги известив дека Владата на Република Македонија има донесено заклучок пред секоја одлука која треба да ја донесе Министерството ќе биде известена Владата од каде што ќе добиваме насоки за одлуката, потенцира Адеми.

Во определувањето на обемот на Студијата за оцена на влијанието врз животната средина, посочи министерот Адеми, ќе бидат земени предвид и барањата и забелешките на локалната власт на Велес, невладиниот сектор и на Одборт за спас и тоа не само за локацијата, туку и за другите решенија кои треба да ги содржи студијата.

Горан Петров, градоначалник на Велес и претседател на Одборот за спас, информира дека побарале од министерот Адеми во понатамошната постапка за добивање каков било документ или барање активно да биде вклучена не само Општина Велес, туку и сите заинтересирани страни.

- Се надеваме дека сето ова ќе резултира со една законска постапка која што ќе мора да ги почитува волјата и желбата на граѓаните да живеат во здрава и чиста животна средина,нагласи Петров.

На новинарско прашање дали нешто можеби се подготвува во кругот на Топилница, министерот Адеми изјави дека нема таква информација, а градоначалникот Петров потенцира дека преку локалниот инспектор за животна средина ќе проверат дали во кругот на Топилница има некои работни случувања и подготовки за работа.