Груевски: Инвестициските можности во Турција презентирани пред 1.700 компании

Премиерот Никола Груевски и владиниот тим се задоволни од одзивот на турските компании и нивниот интерес за инвестирање во Македонија. Презентациите реализирани изминатите четири дена ги посетија околу 1.700 фирми што е најголем интерес досега од сите држави каде се презентирани македонските инвестициски можности.

Како што изјави премиерот Никола Груевски по завршувањето на посетата на Турција, интерес за поединечни средби и конкретни информации побарале 50-тина компании главно од лесната индустрија.

- Во овие четири дена или овој, како што го нарековме „пат околу Турција за четири дена“, посетивме седум града. Посетивме крупни индустриски гранки, сретнавме многу бизнисмени. На нашите настани според пресметките на коорганизаторот имаше околу 1.700 компании што е огромна бројка, најголемата што сме ја имале на која било презентација, во која било држава и најверојатно ќе остане подолг период најголема бројка, зашто ваков интерес како што има во Турција досега не сме забележале во други држави во однос на правење бизнис со Македонија и инвестирање во Македонија, рече Груевски.

Таргетот на ова патување, напомена премиерот, беа турските компании кои го постигнале својот максимум во својата земја и сакаат да отворат нови капацитети во други држави.

- Такви има многу зашто во Турција силно е развиен семејниот бизнис, силно е разиен бизнисот на лесната индустрија од каде имаше и голем интерес. Некои од нив веќе најавија за неколку месеци доаѓање во Макдонија, на лице место да ги видат работите и да разгледаат други детали кои им се важни за почнување бизнис, истакна Груевски и додаде дека сите овие фирми внимателно ќе ги следат во иднина и ќе им помогнат кога за тоа ќе има потреба.

Тој додаде дека е прилично задоволен од одзивот на инвеститорите, но и од најавите на поединечните средби со компаниите од прехранбената индустрија, земјоделството, здравството, електрониката, градежништвото, кои оствариле извоз во повеќе од 50 држави, кои главно имаат 500 до 1.000 вработени.

Владиниот тим очекува  во иднина и возвратни посети од страна на стопанските комори и на турски владини претставници што е уште еден импулс за инвестирање во Македонија.

- Турската влада досега даде огромна поддршка на нивните бизнисмени да дојдат во Македонија. Тоа го направи и премиерот Ердоган на големиот бизнис форум во Истанбул, тоа го прават сите министри во нивните изјави што е, исто така, голема помош. Големата поддршка што Макдонија ја има од Турција на секој план уште еднаш се потврдува, потенцира премиерот.

За време на престојот во Турција владиниот тим ги презентираше инвестициските можности на Македонија во Истанбул, Кајсери, Коња, Газиантеп, Измир и Бурса. Премиерот оствари и политички средби со премиерот Реџеп Таип Ердоган и со повеќе министри, а беше потпишан и протокол за соработка меѓу Дирекцијата на ТИРЗ на Македонија и зоните на Турција кој ќе овозможи размена на искуства, информации и потенцијал некој од операторите на слободните економските зони во Турција да покажат заинтересираност за евентуално доаѓање во Македонија каде би оперирале со една или повеќе зони.

Премиерот Никола Груевски во Турција имаше обезбедување од прв степен што го добиваат само државници од највисок ранг. Беше ангажирано дел од личното обезбедување на неговиот колега Ердоган што е потврда за пријателските односи и укажаната чест.