Активните програми и мерки за 2012 година ќе обезбедат 6.000 вработувања

Со денеска објавениот конкурс за мерката самовработување почна примената на шестиот владин Оперативен план  за активни програми и мерки за вработување за 2012-2013 година. Со Оперативниот план годинава треба да бидат опфатени 6.000 невработени лица, за што се обезбедени околу 500 милиони денари. 

Со двегодишниот план се дефинирани 24 целни групи, со што е дадена можност за секое невработено лице, во зависност од можностите и условите да аплицира за одделна програма, информира на прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Покрај програмите и мерките за вработување кои во изминатите години се покажале како успешни,  во планот се содржани неколку пилот програми креирани согласно искажаните потреби на невработените, работодавачите или сознанијата на пазарот на  трудот. Таков е случајот со пилот програмата за обука до одржливо самовработување и обуката до субвенционирано вработување.

Новина е  пилот програмата за субвенционирање на плодоуживатели на државно земјоделско земјиште. Со неа ќе се обезбеди надомест на корисници на социјална  парична помош, социјално осигурување и дополнителни субвенции преку програмите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопснатво.  Како пилот   ќе се спроведува и програма за општокорисна работа преку работно ангажирање за социјални услуги.

Успешни од изминатиот период, според Ристовски, се програмите за субвенционирање  за која за 700 самовработувања аплицирале 1.899 невработени лица, и за формализација на постојани бизниси, каде имало интерес од 587 лица, а се поддржани 250. Кај двете програми се реализирани сите планирани вработувања. За програмата за практикантство за 300 практиканти аплицирале 1.839, а работодавачите поденеле барања за 2.037 практиканти, при што се реализирани 94 проценти. Интерес за Програмата за субвенционирање  имало од 3.025 невработени, а со неа се субвенционирани 636. Во 2011 е забалежан значителен интерес и за обуките за дефицитарни занимања, односно 865 апликации за 204 планирани обуки.

Одговарајќи на новинарски прашања министерот Ристовски  посочи дека минатата година имало 80.000 нови вработувања,  бројот на невработените изнесува над 280.000. Наводите од опозицијата за вештачко  намалување на невработеноста за ресорниот министер се класично политичко обвинување  бидејќи не биле поткрепени со аргументи.

Податокот дека за 80.000 решенија елиминација односно бришење на статусот на невработени од Агенцијата за вработување имало само 7.000 жалби, според Ристовски, е најдобар аргумент дали некој невработен е избришан фиктивно.

Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски информира дека конкурсот за програмата за самовработување е достапен на веб страниците на Министерството за труд и социјална полотика и Агенцијата за вработување. Заинтересираните невработени треба да  поднесат апликација во центрите  за вработување, каде ќе одговарат и на определен број прашања кои носат соодветни бодови врз основа на кои  ќе бидат рангирани. Годинава првпат ќе добијат различни прашања, односно не може да се случи две лица да имаат исти прашања. Целта е да нема пробивање на тестовите и злоупотреба на мерката, појасни Поповски.

Во изминатите години, информира,   најголем број поднесени пријави за  програмите  за вработување со максимум позитивни бодови имало од Крива Паланка, а  Скопје  води со најголем број пријави, но не со максимумот.


 

Категорија: