Нова фабрика во Бунарџик, ќе се отворат 200 работни места

Нови 200 работни места ќе се отворат со новата фабрика на домашната компанија ФПЦ Технопласт која денеска го постави камен-темелникот во Технолошко-индустриската развојна зона Скопје 1.

Станува збор за инвестиција во износ од 10 милиони евра што ќе се реализира во две фази. Во првата фаза, што треба да заврши до крајот на идната година, на парцела од 11.000 метри квадратни ќе се изгради објект на површина од 4.200 метри квадратни во кој ќе се вработат 100 лица, а во втората ќе се догради објект со површина од 3.000 метри квадратни во кој ќе се вработат дополнителни 100 лица. 

- Тука сме да го означиме почетокот на градба на уште една од низата нови инвестиции во Македонија. Задоволството е особено ако се има во предвид дека овој пат станува збор за домашна компанија која по низата нови странски инвеститори во нашата земја се избори за свое место во ТИРЗ Скопје 1, рече претседателот на Владата за спроведување на избори Емил Димитриев.

Тој посочи дека константите политики на економскиот тим на Владата во изминатиот период ја позиционирале Македонија на врвот на европските земји за водење бизнис и придонеле за отворање на голем број нови фабрики и работни места со што евидентно е намалена невработеноста.

Директорот на ФПЦ Технопласт, Ѓорче Тодоровски истакна дека компанијата ќе се занимава со производство на алати и пластични компоненти за автомобилската индустрија, а подоцна капацитетите ќе се прошират и за снабдување на електричната и електронската индустрија.

- Согласно интерните планови на компанијата во првата фаза ќе се инвестираат 6 милиони евра за изградба на нов објект и инвестирање во нова опрема и технологија ноу-хау за производство на алати и пластични компоненти. Во втората фаза ќе направиме проширување на објектот и ќе инвестираме дополнителни 4 милиони евра, рече Тодоровски.

Тој посочи дека целокупното производство ќе се извезува во ЕУ и ќе се вградува во автомобилските брендови Мерцедес, БМВ, Ауди, Порше, Рено и Нисан. 

Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо посочи дека ФПЦ Технопласт е втора домашна компанија која гради производствен капацитет во ТИРЗ Скопје 1.

- Со тоа уште еднаш се потврдува дека и македонските компании можат да влезат во зоните ии дека  условите за инвестирање кои важат за странските компании важат и за домашните инвеститори, рече Мизо и додаде дека  во иднина ќе се зголеми бројот на домашни компании кои ќе инвестираат во зоните. 

Тој посочи дека во компаниите лоцирани во зоните во моментот работат над 6.800 вработени, а до крајот на годинава нивниот број треба да достигне до 7.500.

- Пред два дена извозот од зоните веќе го достигна  нивото на цела 2015 година што значи дека имаме околу 1,5 месеци извозот да се зголеми. Тоа значи дека до крајот на годинава ќе имаме дополнителни 20 проценти раст на извозот во споредба со минатата година, потенцира Мизо. 

На поставувањето на камен-темелникот присуствуваше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

ФПЦ Технопласт произведува пластични компоненети за автомобилската, електричната и електронскат индустрија. Компанијата е фирма-ќерка на компанијата „Тетепласт” која функционира во Македонија скоро 20 години и своето производство, пред се, го наменува за странскиот пазар.