Трибината против насилството на спортските терени

Министерството за внатрешни работи во делот на своите надлежности одлучно и бескомпромисно, секогаш и во секоја прилика имало нулта толеранција кон насилството на и вон спортските борилишта, истакна денеска министерката Гордана Јанкулоска на трибината „Заеднички против насилството на спортските терени“.

Во текот на оваа година Министерството, како што информира, поднело  четири кривични пријави против 15 лица за шест кривични дела и 69 прекршочни пријави против 104 лица за сторени 64 прекршоци.

За превенција на насилството во спортските терени Јанкулоска посочи дека не може успешно да се превенира само со репресија, туку оти е потребен и поширок ангажман на сите чинители во општеството вклучително и семејството.

- Нормите можат да санкционираат, можат некого и да предомислат за во иднина, но тие не се образовен, културен или воспитен фактор, за да може превенцијата да биде превенција, а не санкција и репресија, односно пост фестум акција. Потребата од поширок и координиран пристап кон овој проблем е неопходност што го обврзува секој чинител во општеството, независно дали се работи за државна институција, спортска федерација, клуб, училиште..., нагласи Јанкулоска, посочувајќи го семејството како најважен фактор во процесот на превенирање.

Од полициската пракса, додаде, мошне чести се случаите кога при расчистување на прекршочни и кривични дела од оваа област, родителите непријатно се изненадуваат, па дури изразуваат и неверување дека нивните деца можеле да сторат одредено прекршување на законот. Изрази уверување дека подобро е родителите да ги запознаат своите деца пред санкцијата да биде изречена и штетата направена.

- Спортот треба да биде, односно да остане демонстрација на фер-плејот, на спортското знаење и умешност, поле каде што треба да се биде подеднакво голем во славењето на успехот, но и подеднакво голем во примањето на поразот. Зошто сепак тоа е спорт, порача Јанкулоска.

Министерството, како што посочи, секогаш се обидува да отиде чекор понатаму во спречувањето на овој феномен, иницирајќи или партиципирајќи во пошироки јавни, општествени акции за превенирање на негативното поведение кај младите.

- Нашата отвореност и подготвеност за соработка не се мотивирани само од намерата да се намалат статистиките за насилствата на спортските натпревари, туку уште повеќе од должноста да се обидеме актерите во тие инциденти да не се претворат во некакви нови регрути на девијантното и криминогено поведение, рече министерката за внатрешни работи.

Таа потсети дека државата ја има ратификувано Европската конвенција за насилството и недостојното однесување на гледачите за време на спортските натпревари, особено на фудбалските натпревари, со што Република Македонија и во меѓународни рамки не само што јасно ја декларираше својата заложба за справување и спречување на  феноменот на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари, туку и се обврза за бескомпромисно правно санкционирање. 

Трибината „Заеднички против насилството на спортските терени“ ја организираше МВР и Агенцијата за спорт и млади.