Холандска помош најмногу користат компаниите од областа на туризмот и земјоделството

Пред повеќе претставници на мали и средни претпријатија денеска во Стопанската комора на Македонија во организација на Амбасадата на Холандија беа презентирани неколку холандски програми за поддршка на овој вид бизниси.

Како што истакна холандската амбасадорка Мариет Шурман не станува збор за нови програми туку за програми кои веќе постојат подолго време, но целта е дополнително да се информираат македонските компании за можностите за користење на холандска помош и условите кои треба да ги исполнат. Холандската Влада, посочи, нуди четири програми за помош на МСП - Посредништво во пронаоѓање партнери во Холандија за трговија и инвестиции, обезбедување експертиза од холандски компании за македонски компании, како и заеднички инвестициски програми и планови на холандски и македонски фирми.

- Има ограничувања во сите програми, но тие лимити се уште не се постигнати од страна на македонските компании. Програмата која најмногу се користи дозволува до 40 компании годишно да користат холандска експертиза. Македонски компании кои досега најмногу користеле ваква помош се од областа на туризам, земјоделство, производство на храна и текстил, рече амбасадорот Шурман.

За секој проект, подвлече, посебно се одобруваат различни средства, но максималниот износ кој што една компанија може да го добие како грант е 750 илјади евра, а пример е компанијата Стилкон, неодамна отворена во Куманово.

Министерот за економија Ваљон Сарачини истакна дека Република Македонија има добри политички и економски односи со Кралството Холандија и го подвлече тоа што оваа и минатата година Холандија е прва во однос на инвестициите во Македонија.

- Како Министерство за економија секогаш ги поддржуваме ваквите настани, особено тоа што им се дава дирекна можност на нашите компании за аплицирање за средства и фондови со кои ќе можат да го развијат нивниот бизнис, рече министерот Сарачини.

Боб Смит, извршниот директор на Холандско-македонската комора која е во тек на основање, а вклучува 50 македонски фирми кои веќе имаат силни врски со холандски компании или намера за учество на холандскиот пазар, изјави дека повеќе холандски фирми соработуваат со текстилната индустрија во Македонија, а  очекува добра соработка и во секторот за вино.

- Најголем проблем е непознавање на условите од страна на холандските фирми за можностите во Македонија. Во земјоделскиот сектор Холандија има огромно знаење во однос на производство, опрема и друго  и таму гледам најголем потенцијал. Од друга страна Холандија е најголем трговец на земјоделски продукти и во иднина е можна сорботка и во таа област, но потребна е напорна работа, рече Смит одговарајќи на новинарско прашање за можноста за зголемување на билатералната економска соработка.