Почнува проектот за јакнење на административните капацитети во енергетиката

Подобрување на условите во енергетскиот сектор и привлекување повеќе инвестиции, е целта на ИПА проектот што наредните две години ќе го спроведува Министерството за економија во соработка со европски експерти.

Како што соопшти денеска ресорниот министер Ваљон Сарачини, во фоксуот на проектот вреден 1,67 милиони евра, е јакнење на административните капацитети на секторот за енергетика во Министерството  и на Агенцијата за енергетика што ќе овозможи обезбедување стабилна правна и регулаторна рамка за усогласување на македонското со европското законодавство во оваа сфера.

- Проектот почнува денеска, а договорот за негова реализација, кој се однесува на техничка помош, е потпишан со консултантската куќа АТЦ од Австрија кој е во конзорциум со енергетски институции од Хрватска, Норвешка и Грција. Проектот има четири компоненти од кои две се однесуваат на подобрување на административното работење и неговата функционалност, една е за усогласување на домашното со европското законодавство и последната предвидува изготвување стратешки документи значајни за подобрување на енергетскиот сектор, истакна Сарачини.

Оценка на консултантите е дека секторот за енергетика, што веќе функционира во рамки на Министерството, треба да се надгради за што ќе биде доволен период од две години.