Логистички центар од милион евра, прв објект во Чојлија

Логистички центар, инвестиција од милион евра на компанијата „Глобекс“ ДОО Скопје, е првиот објект што почна да се гради денеска во мултифункционалната зона Чојлија.

 

- Во логистичкиот центар на почеток ќе бидат отворени 30 нови работни места, а вкупно се планирани 360, најави по поставувањето на камен темелникот, министрот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Објектот се гради на површина од 7.000 метри квадратни и треба да биде завршен во првиот квартал следната година.

Во индустриската зона Чојлија досега се продадени 65 парцели, а според Јанакиески, за дел од планираните инвестиции наскоро ќе бидат поставени  камен темелници.

- Очекуваме уште неколку камен темелници во текот на оваа година, а најмногу во 2014. Воспоставивме специјален софтвер со кој во соработка со општините го следиме исполнувањето на роковите за предвидената изградба и очекуваме многу бргу за две до три години ова да стане вистинско градилиште и индустриска зона во која ќе работат илјадници луѓе не само од општина Петровец, туку и од околните, рече Јанакиески, посочувајќи дека за зоната Чојлија, каде има уште слободни локации има голем интерес од инвеститорите.

Владата, нагласи Јанакиески, во соработка со општините постојано презема активности за урбанизирање на што повеќе парцели за изградба на индустриски центри и да им се излезе во пресрет на компаниите со поволни цени и услуги. Така, нагласи, ќе се изградат нови капацитети, а крајната цел е што повеќе нови вработувања.

Сопственичката на „Глобекс“ Снежана Кокра најави дека планираат до почетокот на следната година да го затворат целиот простор на кој се гради.

- Тука ќе бидат сместени логистичкиот центар и фирмата - ќерка на Глобекс - Глобал логистик, каде ќе има околу 350 вработени. Сите средно развиени фирми кои  сакаат да напредуваат и да градат не треба да се плаши од тоа. Треба да се зголемува бројот на фирмите во Македонија и да се искористат сите услови што ги овозможува Владата, изјави Кокра.

Градоначалникот на Општина Петровец Борче Митевски е задоволен од стартот на инвестициите во Чојлија, којашто е најголема индустриска зона во Македонија. 

- Општина Петровец е подготвена да пречека уште поголем број инвеститори. Имаме непродадени само уште 11 парцели, наведе Митевски.