Распределени 20 социјални станови во Берово

Во присуство на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска прелиминарно беа распределени 20 социјални станови во општина Берово.

Распределбата беше извршена преку посебна електронска апликација развиена со цел да се елиминира човечкиот фактор при рангирањето на лицата кои поднеле барање за добивање социјални станови. На распределбата во општинската сала во Берово беа поканети и присуствуваа речиси сите баратели кои беа во двојно поголем број од расположливиот број на станови.

- Голем приоритет на Владата е обезбедување на кров над глава за лицата коишто спаѓаат во некоја од социјално ранливите категории, истакна министерот Јанакиески.

Тој посочи дека продолжува реализацијата на проектот за изградба и распределба на социјални станови во повеќе градови во Република Македонија.

На распределбата беше најавено дека дополнително ќе се изврши увид на лице место кај сите апликанти на коишто им биле доделени станови за да се утврди веродостојноста на документите доставени во барањето. По извршениот увид на лице место ќе биде извршена конечна ранг листа по што добитниците на социјалните станови ќе може да се вселат во своите станови.

Градоначалникот на општина  Берово, Драги Наџински, кој исто така присуствуваше на распределбата  изрази благодарност до Министерството за транспорт и врски за брзото и ефективно реализирање на процесот на огласување и распределба на становите во Берово.

Во објектот кој што се наоѓа на улицата „Моша Пијаде“ во Берово веќе живеат 31 станар на коишто им беа распределни станови на претходната јавна електронска распределба што се одржа во ноември минатата година. Клучевите од становите лично им ги доделија министерот Јанакиески и градоначалникот Наџински во мај годинава, а откако ќе завршат сите процедури во истиот објект ќе бидат вселени и новите 20 станари за кои денес беше извршена прелеминарната распределба.