Од Скопје за Брисел, Париз и Франкфурт со „Виз ер“ за 1.500 денари

Директни летови од Скопје до Брисел, Франкфурт и до Париз ќе воведе нискотарифната авиокомпанија „Виз Ер“ од април следната година. Авиокомпанијата, што веќе оперира кон  десет европски дестинации со субвенции од македонската Влада, кон новите три ќе сообраќа двапати неделно, а билетите ќе чинат најмалку 1.500 денари.

Плановите за развој денеска на прес-конференција ги објавија извршниот потпретседател на „Виз Ер“ Џон Стивенсон со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и генералниот директор на ТАВ Македонија Зоран Крстевски.

 - Од 16 април ќе имаме нова линија  Скопје - Брисел, од 19 април Скопје - Франкфурт,  најголем центар преку кој македонските граѓани може да се поврзат со други држави, а од 18 април директна линија  Скопје-Париз, уште една дестинација  за која имаше барање од македонските граѓани, рече Јанакиески.

„Виз Ер“, додаде, ќе ги зголеми фрекфенциите на летови за постоечките дестинации. До Малме ги зголемува летовите од пет на седум во неделата, кон Базел наместо трипати ќе сообраќа пет пати, кон Дортумнд и кон Ајндховен се зголемуваат летовите од два на три, кон Гетеборг од два на четири пати и кон Михнен исто така од два до три пати во неделата.

Авиокомпанијата од април следната година ќе пушти во сообраќај и нов патнички авион Ербас А-320 со што го зголемува својот возен парк во воспоставената база на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје. Со  тоа вкупната инвестиција на „Виз Ер“ во базата во Македонија ќе достигне 160 милиони долари. - Новиот воздухоплов ќе сообраќа на 13 линии од Скопје и ќе го зголеми капацитетот на слободни места за 2014 година на повеќе од 685.000 илјади седишта, најави Стивенсон. 

Новиот воздухоплов и бројката од 13 дестинации, посочи министерот за транспорт, се доказ за успехот и развојот на компанијата една година по нејзиниот старт со работа  во Македонија.

Според Јанакиески, Владата и воздухопловните власти постојано прават напори за привлекување што поголем број авиокомпании за оперирање од македонските аеродроми, зголемување на бројот на патници и овозможување нови дестинации  и поевтини билети за граѓаните.

Активностите што се преземаат и субвенционирањето, нагласи Јанакиески, придонеле за зголемен број патници во првите седум месеци од годинава споредено со истиот период лани на двата аеродрома за 18,2 проценти. Од почетокот на годинава, заклучно со минатиот месец, од аеродромот „Александар Велики“ се превезени 56.084 патници, од кои 45 проценти користеле нискотарифни летови.

Пет топ дестинации за патување од македонските аеродроми се Истанбул, Виена, Цирих, Лондон, Љубљана и Малме. „Виз Ер“ учествува со 35,2 проценти  во вкупниот број патници, по што следат „Туркиш ерлајнс“,„Аустријан ерлајнс“, „Адриатик ерлајнс“ и „Пегасус“. Од ТАВ Македонија посочуваат дека се прават напори за промоција на охридскиот аеродорм, зголемување на бројот на летовите кон Италија, како и повторно воспоставување на линиите кон Будимпешта и Прага.