Канческа-Милевска го посети Центарот за култура во Дебар

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска заедно со државниот секретар Музафер Бислими денеска престојуваше во Дебар каде оствари работна средба со градоначалникот Ружди Лата.

На средбата беше нагласена важноста од соработката помеѓу централната и локалната власт преку реализација на повеќе проекти од областа на културата, во насока на унапредување на локалниот културен развој.

Канческа-Милевска го посети и Центарот за култура каде изминатиот период беа реализирани повеќе проекти од национален интерес кои придонесуваат за културната афирмација на Дебар.

Според министерката, од особено значење е и фактот што минатата година беа издвоени средства за уредување на влезното плато пред објектот на Центарот за култура со што оваа установа доби нов лик.

- По реконструкцијата на влезното плато, годинава обезбедивме средства за реконструкција и на подрумските простории на Центарот кои до крајот на годината ќе се адаптираат во камерна сцена погодна за одржување помали културни активности, како камерни претстави, музички концерти, истакна Канческа-Милевска.

Од неодамна како дел од проектот на Министерството за култура и Филмскиот фонд за развој на кино-прикажувачката дејност, Центарот за култура доби и современ кино проектор, а од утре граѓаните ќе можат да ги проследат играните филмови „Војната заврши“ и „Ова не е американски филм“.