Триесет илјади денари за научен труд објавен во списание со фактор на влијание

Министерството за образование и наука и оваа година распишува конкурс за доделување еднократни финансиски средства за објавени научно-истражувачки трудови од домашни автори во меѓународни научни списанија со фактор на влијание.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за образование и наука Спиро Ристовски, кој рече дека конкурсот ќе биде објавен утре во средствата за јавно информирање и на интернет страницата на Министерството, ќе трае една година од денот на објавувањето и ќе важи за труд објавен во 2013 година.

- Субвенциите оваа година ќе изнесуваат 30.000 денари за секој труд, а ќе се доделат за 300 научно-истражувачки трудови поеднакво распределени по области, односно по 50 субвенции за трудови од природно-математичките науки. техничко-технолошките , медицинските науки и здравството, биотехничките, општествените и хуманистичките науки. За оваа намена ќе се обезбедат средства од Буџетот на РМ за 2014 година, посочи Ристовски.

Пријавата за учество на конкурсот, истакна министерот, ја поднесува субјектот регистриран во Централниот регистар на Македонија за научно-истражувачка дејност во кој е вработен авторот, односно регистриран самостоен истражувач-автор на домашен научно-истражувачки труд објавен во меѓународно научно списание.

- Секој кандидат дополнително со пријавата треба да поднесе и копија од објавениот научно-истражувачки труд во меѓународно научно списание, копија од страницата на списанието каде е наведен насловот, годината и бројот на списанието, уредувачкиот одбор и издавачот на списанието, како и официјален документ односно потврда за висината на факторот на влијание (импакт факторот, според Jornal citation report SClmago journal & Country rank, Scopus итн.) за меѓународното научно списание за 2012 година, рече Ристовски.

Тој додаде дека очекува оваа можност да биде дополнителна стимулација за македонските научници да објавуваат што повеќе научни трудови, а со тоа да придонесат кон зголемување на нивото на квалитет на науката во Република Македонија.