Музејските збирки ќе се збогатуваат со нови ликовни дела

Министерството за култура со поддршка на Владата од 2014 година ќе врши откуп на ликовни дела со кои ќе се збогатат музејските збирки на институциите од облата на културата, а исто така ќе се откупуваат и дела од посебен национален интерес за културата и историјата на нашата држава.

За таа цел, Министерството за култура од наредната година ќе објавува јавен конкурс и на годишно ниво ќе издвојува по четири милиони денари за откуп на дела на автори кои дале исклучителен придонес во развојот на ликовната уметност.

-Сметаме дека оваа наша заложба, која е нотирана и во новата Национална стратегија за развој на културата ќе обезбеди перманентно збогатување на ликовниот фонд, поголема стимулација на творештвото и ќе ги поттикне нашите автори да создаваат дела кои квалитетно ќе го градат историскиот континуитет на современото национално македонско творештво. Преку овој проект практично ќе ја потврдиме нашата определба и грижа за културното наследство кое го поседуваме и долгорочно ќе го трасираме развојот на ликовната дејност и творештвото со кое се идентификуваме и во меѓународен контекст, изјави министерката за култура Елизабета Камческа-Милевска.

Оваа заложба, според министерката Камческа-Милевска е резултат на претходна анализа во дејноста кои покажале дека постои потреба од дополнување на постоечките музејски збирки, пред се на Националната галерија на Македонија и на Музејот на современа уметност.

Ќе се откупуваат дела на уметници кои учествувале на значајни групни изложби во земјата и во странство, дела кои се застапени во публикации, како и дела од млади уметници со истакнат ликовен израз.

Директорката на Музејот на современа уметност, Елиза Шулевска го поздрави овој чин на Министерството за култура и на Владата и рече дека на овој начин ќе им се оддолжиме на нашите автори.

Според Александар Станковски на овој начин ќе се пополни празнината од три децении која ја имаве во збирките, време во кое македонските уметници се издигнаа на светско ниво.

-Благодарение на заложбите на Министерството за култура и на Владата на Република Македонија, македонската ликовна уметност пред домашната и светската публика ќе покаже што се е направено во оваа дејност, вели Станковски.

Тој ја поздрави напорите на Владата, која и во услови на криза успева да обезбеди средства и да одржува континуитет во културата.

-Овој гест на Министерството ќе биде стимуланс и надеж за уметниците кои творат, рече Станковски и додаде дека оваа одлука треба да се поддржи од сите структури бидејќи е од големо значење за општиот интерес на културата во Македонија.