Спасов: Дополнителни 1.400 пензионери ќе одат бесплатно на бања

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска оствари средба со претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери на Република Македонија Драги Аргировски.

-Најпрво би сакал да изразам огромна почит кон сите пензионери во Република Македонија и кон раководството на Сојузот на пензионери на Република Македонија, бидејќи според мене старите лица и пензионерите се луѓето кои што учествувале во изградбата на оваа држава и токму поради тоа од нас помладата генерација ја заслужуваат должната почит, меѓутоа исто така и посветеност за реализација на нивните потреби и барања и проекти кои што заеднички ќе ги предвидиме, рече Спасов.

Тој посочи дека во изминатиот месец остварил неколку средби со претставниците на Сојузот, како и со претседателот Аргировски со цел да се дефинираат понатамошните приоритети во соработката, со цел да се обезбеди достоинствен живот за сите пензионери во Република Македонија и олеснување на пристапот до социјалните права на старите лица.

На денешната средба било разговарано за проектот на Владата на Република Македонија за бесплатна бањско - климатска рекреација за пензионерите, кој што и годинава ќе се реализира повторно.

-Имено 1400 дополнителни места се обезбедени за ист толкав број на пензионери кои што ќе го искористат во наредниот период, односно во септември и октомври оваа година, со цел да им овозможиме на што повеќе пензионери да можат да ја искористат оваа бесплатна усллуга, да ги посетат бањите во Република Македонија и да се рекреираат, рече министерот.

Тој додаде дека било разговарано и за други натамошни проекти, како што е отворањето на што е можно повеќе дневни центри за пензионерите.

Претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери на Република Македонија Драги Аргировски,  напомена дека е неопходно да се одржи континуитетот на меѓусебната соработка помеѓу Министерството за труд и социјална политика и Сојузот на пензионери .

Како што рече, со новиот министер ќе се обидат да направат спој помеѓу искуството и младоста и изрази уверување дека на тој начин ќе се остварат уште подобри резултати.

-Ние дадовме целосна поддршка за проектот на владата на Република Македонија за бањска рекреација на пензионерите, рече Аргировски.

Тој посочи дека ова е четврта година како се спроведува Владиниот проект за бесплатна бањско – климатска рекреација и нагласи дека досега оваа услуга ја искористиле околу 30.000 пензионери.