Македонски доктори на специјализација во Нирнберг

Договорот за соработка претходно беше потпишан кога министерот за здравство, Никола Тодоров, беше во посета на Германија.

Новитет во договорот е што млади медицински кадри од Македонија ќе одат на специјализација за повеќе области.

Специјализацијата таму можат да ја поминат во целост, односно во времетраење од 5 до 6 години или само половина од периодот потребен за специјализација.

Министерот Никола Тодоров посочи дека другата недела уште четири доктори ќе заминат во Нирнберг. 

-Многу е важно што македонските доктори кои заминуваат таму работат рамо до рамо со познати специјалисти, со нивните колеги од Германија. На тој начин директно учат нов пристап, знаење и методи за оние области кои ги нема во Македонија. Главната цел на обуките е што поквалитетна здравствена услуга во Македонија, истакна Тодоров. 

Директорот Гутер Никлевски на покана на Тодоров пристигна во Скопје. Тој посочи дека соработката помеѓу двата града е стара 40 години, но се официјализира со потпишување на официјалниот договор во Германија.

 -Од вашата земја веќе има луѓе што работат во нашата клиника. На македонските колеги им овозможуваме усовршување на вештините, особено во некои гранки кои се дефицитарни. Соработката е и повеќе од успешна, истакна тој.

Клиничкиот центар во Нирнберг се состои од 38 клиники и 5.200 вработени, кои годишно опслужуваат 100.000 хоспитализирани пациенти и 95.000 амбулантски.

По завршување на специјализацијата, македонските доктори се обврзани минимум шест години да работат во македонска здравствена установа.