МВР заедно со царината запленија 350 килограми марихуана, уапсени пет лица, по две се трага

Македонската полиција во соработка со Царинската управа вчера пресече меѓународен канал за шверц на дрога при што заплени 350 килограми високо квалитетна марихуана, која од Албанија-Македонија преку Грција требало да стигне до европскиот пазар, најверојатно во Холандија.

Вредноста на запленетата марихуана на нарко пазарот, информира на денешната прес - конференција министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, достигнува околу еден милион евра на големо, додека малопродажната цена може да се мултиплицира и до неколку пати зависно од тоа во која западноевропска земја ќе заврши.

Осомничени за ова кривично дело се седум лица, сите македонски државјани, од кои пет се уапсени, а по двајца се уште се трага. Утврдено е дека кон крајот на 2012 година и почетокот на оваа година, лицата Р.К. (64) и И.Н. (45), двајцата од село Велешта, заради понатамошна продажба, од Албанија набавиле поголема количина марихуана, со намера истата да ја транспортираат од Македонија до Кралството Холандија. Истите ги ангажирале лицата Г.П. (41) и И.М. (33), двајцата од Битола заради  обезбедување легален транспорт на душеци за кревети, а лицето Т.С. (42) од Битола бил задолжен да обезбеди транспортно возило и возач кој ќе го управува истото, како и да обезбеди извозни царински документи за легалната стока. Лицето Т.С. обезбедило товарно моторно возило, а како возач на истото го ангажирал Ц.К. (57) од Битола, а додека за обезбедување на извозните царински документи го ангажирал Љ.С. (21) од Битола.

Од страна на Царинската управа до Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против лицата Р.К, И.Н. двајцата од село Велешта, Г.П., И.М., Т.С., Љ.С. и Ц.К.сите од Битола, ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори”. 

Карактеристичен е начинот на кој била складирана односно во редовна пратка на околу 150 душеци за кревети, за транспорт во камион, од кои девет биле наполнети со марихуана.

- Ова е прв случај на ваков начин на пакување на дрогата што го открива МВР и царината. Оние кои криумчарат дрога се прилично инвентивни во начините на кои се обдуваат да ја прикријат дрогата. Не се бира начин како да се прикрие дрогата и се надеваат дека на тој начин таа нема да биде откриена до надлежните служби, појасни Јанкулоска.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески  нагласи оти акцијата на полицијата и на Царинската управа е уште еден пример за успешно функционирање на двете државни институции кои се најнадлежни за спречување на криминалот и заштита на државните граници.

- Ова е резултат на координацијата и успешното функционирање на овие две институции. Во овој случај откриени се околу 350 килограми марихуана и е спречен шверц на истата. Покажавме и докажавме уште еднаш дека функционирањето на МВР и на царината во доменот на спречување на вакви нелегални активности е на ниво на она што се случува во европски земји, изјави Ставрески изразувајќи очекување дека успешното работење и координацијата на овие две институции ќе овозможи и понатаму границите на Република Македонија да биде безбедна и да се спречува нелегалното криумчарење дрога и други супстанци.  

Како што појаснија од МВР, синоќа во 21,00 часот, на излез од Македонија на граничниот премин „Меџитлија”, од страна на припадници на царината е извршена е контрола на товарно моторно возило „МАН“ со велешки регистарски ознаки и приклучно возило, натоварени со легален товар кој се состоел од душеци за кревети, а управувано од Ц.К. При извршен детален преглед на товарното и приклучното возило во девет душеци за кревети пронајдени се  вкупно 344 пакувања со правоаголна форма, облепени со широка селотејп лента со поединечна тежина од околу еден килограм, а со вкупна бруто тежина од околу 350 килограми.

Инаку, според документираните сознанија дрогата вчера околу 17 часот била натоварена во камионот марка „МАН“ во селото Велешта. Откако камионот бил претходно натоварен со душеци бил довезен од страна на Ц.К. во Велешта каде што од страна на Р.К. и И.Н. биле извадени девет душека, а на нивно место биле ставени други девет идентични на претходните но со дрогата спакувана во нив. 

Одземените пакувања се предадени во Одделот за криминалистичка техника на МВР заради понатамошно вештачење. Лицата  Р.К. и И.Н. се недостапни на органите за прогонот и истите не се обезбедени, додека останатите пет лица се лишени од слобода.