Тендер за изградба на ПЕТ Центар во Скопје

Министерството за здравство во вторник ќе објави тендер за претквалификација за доделување Договор за јавна набавка за изградба на објект за Позитронска емисиона томографија - ПЕТ Центар во Скопје со што ќе се создадат услови за поголема ефикасност на дијагностичките процедури, ќе се подобри квалитетот на медицинската грижа за пациентите кои нема да мора да патуваат во странство за таква дијагностика. Тоа претставува можност Македонија да стане и важен ПЕТ дијагностички центар во регионот.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека Владата на вчерашната седница донела одлука за повеќегодишна јавна набавка за изградба на овој Центар.

- ПЕТ Центарот со површина од околу 2.600 м2 се планира да биде изграден во кругот на Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје. Во меѓувреме се работи на подготовка на техничката и проектната документација која се изработува со поддршка од Меѓународната агенција за атомска енергија од Виена и во чија изработка учествуваат стручни тимови од странство. Се очекува проектната документација да биде готова до крајот на првиот квартал од годинава, а отпочнувањето со градба во текот на мај/јуни, рече Тодоров.

Дел од опремата за ПЕТ Центарот, укажа министерот, е веќе нарачана, се очекува да биде доставена во втората половина на 2014 година, а почетокот на производството е планирано за јануари 2015 година.

Тој посочи дека изградбата на ПЕТ Центарот ќе чини 250 милиони денари, а средствата се обезбедени од Буџетот на Република Македонија.

- Позитронската емисиона томографија претставува нуклеарно-медицинска визуелизациска техника со која се добива тродимензионално прикажување и мапирање на функционалните процеси во телото. Воедно, претставува нов чекор во евалуацијата на функционалните и малигни метаболни промени во организмот на пациентите, а се користи во областа на онкологијата, хематологијата, кардиологијата и неврологијата, а во поново време и во детската патологија, потенцира Тодоров.

Оваа метода, како што рече, спаѓа во рангот најсовремена ефикасна дијагностика, како важен предуслов за успешна и пократкотрајна терапија на малигните заболувања и како ефикасно следење на посттерапевтските третмани и навремено дијагностицирање на евентуалните рецидиви при малигните заболувања.

- ПЕТ Центарот ќе обедини во себе повеќе функции: Оддел за производство на краткоживечки радиоактивни изотопи со позитронски емитери, со инсталација на циклотрон, Оддел за синтеза, производство и контрола на квалитет на ПЕТ-радиофармацевтици, Оддел за развој и истражување за обележување и контрола на квалитет на радиофармацевтици за терапија со бета/гама емитери, клинички оддел за ПЕТ дијагностика итн., истакна Тодоров.

Потенцира дека Министерството за здравство годинава ќе организира обука на кадарот кој ќе работи во овој центар, која ќе се спроведува во медицински центри низ Европа и во САД каде што постои примена на Позитронска емисиона томографија.

Одговарајќи на новинарско прашање, Тодоров рече дека еден дел од лабораториите кои ќе бидат дел од овој систем ќе бидат донација од Меѓународната агенција за атомска енергија.

Емилија Белопета од Проектната единица за изградба на ПЕТ Центар истакна дека постои огромно искуство за заштита и обезбедување на функционирање на овие системи.

- Циклотронот се наоѓа во специјален бункер и не произведува зрачење, истакна Белопета.