Полицијата ќе вози „шкода јети“, посигурни и поекономични од досегашните „крајслери“

Најдоминантниот бренд во полициските возила од денеска  ќе биде „шкода јети“, кои ќе ги заменат полициските „крајслери“ кои се користеа повеќе од 12 години.

Со новите 150 возила „шкода јети“, кои се исклучително безбедни и опремени со неопходната полициска опрема, не само што ќе се заштедат средства, туку ќе се овозможи и поголема сигурност за полициските службеници.

Како што потенцира министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која заедно со премиерот Никола Груевски ги промовираше новите возила, станува збор за возила кои се далеку поекономични од оние кои досега беа во употреба. Таа информира дека од новите возила ќе добијат речиси сите Сектори за внатрешни работи, зависно од обемот на работа, а ќе значат замена на досегашните „крајслери“. Досега во исправна состојба беа 142 „крајслери“, со висок степен на амортизација, а некои од нив имаат поминато и над 500 илјади километри.

- Ќе објавиме продажба на „крајслерите“ и ако има заинтересиран ќе може да ги купи. Но, одреден број  од нив се уште се во солидна возна состојба и во МВР ќе се направи анализа колку од нив се уште можат да и служат на полицијата, а таа бројка, која не верувам дека ќе биде голема, и понатаму ќе остане во функција на МВР, изјави Јанкулоска.

Инаку, просечната потрошувачка на „шкода јети“ е околу 6 литри со дизел мотор, за разлика од просечната на „крајслерите“ која беше околу 16 литри со бензински мотор. Во првите три години од користењето на автомобилите „шкода јети“, сервисот е бесплатен и се обезбедени резервни гуми за сите 150 возила, додека за одржување во текот на годината за секој „крајслер“ се трошеа околу 6 илјади евра. Според Јанкулоска, тоа значи дека во старт, ако на тоа се додадат и заштедите остварени со користење на електронскиот систем за јавни набавки, односно со намалувањето од 100 милиони денари од почетно понудената цена која беше највисока за полициски возила, евидентно е, потенцира, за какви заштеди се работи.

На тендерот што го распиша Министерството за внатрешни работи за набавка на 150 нови возила за најповолен понудувач беше избрана компанијата „Порше Македонија“.

Таа даде најниска понуда од 199.750.000 денари за набавка на возилата, односно за 10 милиони денари пониска од почетната цена на аукцијата.

Новите возила се во бела боја со ознаки на полицијата, а во цената е вклучено и тригодишнo бесплатно одржување (замена на гуми, масло, антифриз, филтри за воздух...). Согласно тендерската спецификација, предвидено е возилата да бидат со дизел мотор со зафатнина од 1.900 до 1.300 сантиметри кубни и со моќност од 110 до 140 киловати.   

Последниот тендер за набавка на возила за МВР беше пред 12 години кога беа купени крајслери.