Ковачевски: Со антикризните мерки обезбедуваме 5-месечна поддршка до 3.000 денари за 187 илјади пензионери, растат пензиите, воведовме социјална пензија, подготвуваме и закон за минимална пензија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на денешниот настан за промоција на монографија, посветена на Сојузот на борци, ја потенцираше и егзистенцијалната грижа за повозрасните категории граѓани, преку антикризни мерки и преку системски решенија.

„Грижата за стандардот на повозрасните категории граѓани е подеднакво важна и затоа сакам и тука да потенцирам дека со новиот пакет антикризни мерки се опфатени 187 илјади пензионери, кои во наредните 5 месеци ќе добиваат државна финансиска поддршка. Пензионерите со пензија до 14.000 денари - по 3.000 денари месечно, од 14.000 до 16.000 денари - по 2.000 денари, а пензионерите со примања од 16.000 до 19.000 денари - по 1.500 денари месечно“, посочи премиерот.

„Со новата Методологија осигуравме постојан раст на пензиите и тоа веќе дава резултати. Просечната пензија денес изнесува  20.100 денари, што е за 6.400 денари повеќе во однос на 2016 година. А, минималната пензија е 13.150 денари, што е за 4.300 денари повеќе во однос на 2016 година. Да потсетам дека со измени на Законот за социјална заштита, воведовме и социјалната пензија, за лицата над 65 години, кои немаат никаков приход и не можат по друг основ да остварат пензија. И потврдувам и овде, дека, по примерот на Законот за минимална плата во државата, со закон ќе утврдиме и минимална пензија“, порача премиерот Ковачевски.