Битиќи: Социјалното претприемништво ги јакне заедниците, токму поради тоа и набрзо ќе го донесеме Законот за социјално претприемништво

„Законот за социјално претприемништво, кој е во завршна фаза, за прв пат системски ќе го регулира социјалното претприемништво со јасно дефинирани процедури и критериуми за основање социјални претпријатија“, изјави заменик претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи учествуваше на вториот Регионален форум за социјално претприемништво во организација на Регионалната канцеларија за младинска соработка – РИКО, како говорник на сесијата која беше посветена на актуелната состојба на Западен Балкан во однос на социо-економскиот развој.

Во неговата изјава за медиумите, вицепремиерот Битиќи рече дека од сите учесници на сесијата заеднички оценија дека социјалното претприемништво е вредност која може да донесе добро за сите во целиот регион, да помогне во решавањето на незадоволени социјални потреби, затоа што претприемништвото со развиени социјални функции е извор на економски раст и развој.

„Како што се движиме кон Европската Унија, од суштинско значење е да се зајакнат заедниците преку развивање на социјалното претприемништво како модел на инклузивен раст, во кој ранливите и маргинализираните групи ќе бидат вклучени во остварувањето на економски успеси. Преку развој на социјалното претприемништво ќе придонесеме за развој на социјалната кохезија и намалување на разликите, овозможувајќи им на нашите општества да се усогласат со вредностите на ЕУ за солидарност и кохезија“, рече Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи подвлече дека развојот на социјалното претприемништво ќе не направи поатрактивни партнери за ЕУ, но исто така ќе ја зајакне и нашата регионална отпорност и конкурентност.

„Со прифаќање и поддршка на социјалното претприемништво, земјите од Западен Балкан треба да ја искористат неговата трансформативна моќ за да го забрзаат својот пат кон членство во ЕУ, истовремено подобрувајќи ја благосостојбата на нивните граѓани и заедници. Република Северна Македонија посветено работи на создавање услови за развој на социјалното претприемништво“, изјави Битиќи и додаде дека Законот за социјално претприемништво, кој е во завршна фаза, за прв пат во нашиот правен систем, ќе го регулира системски социјалното претприемништво со јасно дефинирани процедури и критериуми за основање социјални претпријатија, со изградени соодветни финансиски инструменти.

„Владата на Република Северна Македонија ќе продолжи активно да работи на развојот на вредностите на социјалното претприемништво, затоа што тоа е еден од начините преку кој можеме да градиме општество со вкоренети инклузивни можности, во кое економската активности покрај профит ќе испорачува и социјална вредност“, изјави заменик претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.