Ковачевски на Првиот национален саем за храна и пијалаци: Зголемено производство на домашна храна е приоритет, нашата храна и вино се нашето најголемо богатство

Премиерот Димитар Ковачевски, се обрати на  Првиот национален саем за храна и пијалаци - „Вкуси ја традицијата“ во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и „Слоу Фуд“ Македонија. За прв пат се организира Саем од ваков обем со учество на 40 здруженија и над 200 изложувачи на вкусна храна и пијалаци.

Во своето обраќање премиерот Ковачевски истакна дека Владата силно ги поддржува овие манифестации, а целта е една, заедно да го презентираме богатството  на вкусови на најголемиот настан кај нас, посветен на македонското земјоделство и гастрономијата.

„Ова е вистинската слика за тоа што значи оваа наша македонска земја. Богатство на вкусови, мириси, бои, богатство за сите сетила. Затоа и манифестации како оваа посветени на македонското земјоделство и гастрономијата, кои ја имаат мојата и Владината поддршка, се многу важни. Ние сме најсончевата земја, ја имаме таа среќа цели 280 денови во годината оваа земја да се грее на топлото јужно сонце. Сонце под кое растат многу специфични, автохтони македонски сорти грозје, од кое се прави најубавото македонско вино. Сето ова кое денес го гледаме и кое ќе имаме можност да го вкусиме, сето ова ние имаме неверојатна можност да ни е секојдневие, и за тоа, сме исклучително благодарни. Јас знам, дека јас сум благодарен. Ова богатство го нема никаде на друго место.
 
Затоа денес ние гордо можеме да кажеме дека ова не е само чаша вино, или само јаболко, или само пита или само сирење. Ова пред нас е посветената работа на сите искусни производители, ова е љубов кон земјата, љубов кон работата, ова е вкусот на животот и вкусот на традицијата“, рече Ковачевски и подвлече дека со низа мерки, субвенции и програми се мотивираат земјоделците да произведат повеќе храна.

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски во своето обраќање ја истакна важноста на саемот.

„Би сакал преку денешниов саем - „Вкуси ја традицијата“, да ја испратам клучната порака, да ја почитуваме храната, да си ја чуваме традицијата наследена од нашите баби и дедовци, бидејќи таа е најголем доказ дека овде векувал народ кој со генерации ја пренесувал убавината и радоста на животот. Искрено посакувам, овој саем да има одржливост низ годините, да се развие во култен настан кој ќе ја слави македонската храна и традиција и да прерасне во долгогодишен проект“, рече Николовски.

Николче Николовски претставник на „Слоу Фуд“ Македонија рече дека овој Саем треба да прерасне во традиција.

„Денешниов ден е историски ден за организациите и здруженијата кои работат во областа на земјоделството и производството на храна и за малите производители кои прв пат, здружени заедно, ги презентираат автентичните вкусови на македонското земјоделство и гастрономија. Овој настан е почетна точка во здружените напори да се зачуваат традициите, бројните автентични производи и рецепти, како и руралните средини во кои произведуваат малите производители“, рече Николовски.

 


 

Обраќање на премиерот Ковачевски на Првиот национален саем за храна и пијалаци

 

„Почитувани граѓани,

Почитуван министер Николовски,

Почитувани колеги министри,

Почитуван Николче Николовски претставник на „СлоуФуд“ Македонија,

Почитувани амбасадори,

Почитувани присутни, и особено почитувани производители на храна и пијалаци,

Почитувани претставници на медиумите,

Ми претставува чест и задоволство да го отворам денешниот прв Национален саем за храна и пијалаци – Вкуси ја традицијата.

Честитки за организаторите Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и „СлоуФуд“ Македонија, кои за прв пат организираат Саем од ваков обем со учество на 40 здруженија и над 200 изложувачи на храна и пијалаци.

Ова е вистинската слика за тоа што значи оваа наша македонска земја. Богатство на вкусови, мириси, бои, богатство за сите сетила. Затоа и манифестации како оваа посветени на македонското земјоделство и гастрономијата, кои ја имаат мојата и Владината поддршка, се многу важни.

Денес е сончево и тоа на есенски ден затоа што ние сме најсончевата земја. Ја имаме таа среќа цели 280 денови во годината оваа земја да се грее на топлото јужно сонце. Сонце под кое растат многу специфични, автохтони македонски сорти грозје, од кое се прави најубавото македонско вино. Сонце под кое растат највкусните македонски овошја, зеленчуци, жита, мешунки, од кои се прави најубавото тавче гравче, најубавите пити, највкусниот ајвар, лутеница, сарма, туршија. На оваа наша македонска трпеза се вкрстувале вкусовите на многу цивилизации, создале многу уникатни, колоритни, превкусни комбинации кои се одамна дел од нашата традиција. 

Овде ние имаме многу уникатна клима, на иста линија географски сме со најдобрите вински региони во светот. Имаме плодна почва и поднебје, долги години земјоделска, сточарска, лозарска, овоштарска традиција која посветено се пренесувала од генерација на генерација. Таа традиција, денес модернизирана, ни ги дава, тука во срцето на Балканот, домашните вина кои се со светски квалитет, најубавите домашни јаболки, калинки, пиперки, домати, домашното гравче, тиквички, највкусните домашни сирења и кисело млеко, спремни за уживање во многу различни форми и вкусови. 

Сето ова кое денес го гледаме и кое ќе имаме можност да го вкусиме, сето ова ние имаме неверојатна можност да ни е секојдневие, и за тоа, сме исклучително благодарни. Јас знам, дека јас сум благодарен. Ова богатство го нема никаде на друго место во светот.

Затоа денес ние гордо можеме да кажеме дека ова не е само чаша вино, или само јаболко, или само пита или само сирење. Ова пред нас е посветената работа на сите искусни производители, ова е љубов кон земјата, љубов кон работата, ова е вкусот на животот и вкусот на традицијата.

Почитувани присутни,

Во ова време-невреме во кое живееме, веќе јасно согледавме -  Домашното производство на храна е приоритет. Затоа и изминатиов период работевме напорно за да се осигураме дека ќе имаме доволно храна за сите и дека домашното производство на храна е поголемо и стабилно. Да произведуваме доволно за дома, но и за извоз, за да ја зајакнеме економијата. 

Сето тоа подразбира и цела стратегија која опфаќа повеќе сегменти, од модел на субвенции, капитални инвестиции, советодавни услуги, европски фондови до вложување во човечки ресурси.

Изминатите неколку недели имав можност да посетам наши семејни компании, кои произведуваат со врвен квалитет млечни производи, вина, преработки, да поразговарам со сопствениците и со вработените и да се уверам дека нивниот труд е вреднуван, а нивните производи успешно пласирани дома, но и на странските пазари.

Затоа, на повеќе наврати досега, овозможувавме директна поддршка и одржување на ликвидност на компаниите со антикризните мерки, а со последниот сет, донесовме и мерки за ублажување на последиците од кризата преку стабилизирање на цената на електричната енергија, со која очекуваме да се намалат крајните цени на основните прехранбени производи.

Неодамна го усвоивме и новиот модел за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој. Досегашните анализи, но и оваа светска криза, покажаа дека е потребна итна промена на моделот за земјоделски субвенции, промена која што на краток, среден и на долг рок ќе даде ефекти, односно ќе значи поголемо производство на домашна храна и намален увоз.
Со овој нов модел земјоделците добиваат авансна исплата на субвенциите која ќе ја добиваат во тековната година кога конкурирале за субвенцијата, односно тогаш кога им е најпотребно за да имаат одржливо земјоделско производство.

Важно е да ги мотивираме земјоделците да произведат повеќе храна. 

Дополнителна поддршка добиваат оние земјоделци кои ќе се насочат кон производство на стратешките култури, и за земјоделците кои од своето производство создаваат финален производ за продажба.

Ова е само прва фаза од реализацијата на новиот систем за распределба на земјоделските субвенции која што од оваа година се применува за овоштарството. Имавме пилот проект кај производството на сончоглед кој се покажа исклучително успешен, а веќе од следната година ќе бидат опфатени сите земјоделски гранки.

Напоменувам, дека овој нов модел не значи намалување на средствата наменети за земјоделците, туку нивна поефикасна распределба, побрза исплата, што крајно значи планско и одржливо производство, за бенефит да имаат и земјоделците и државата.

Нашата цел е земјоделците да имаат помали трошоци и да ги мотивираме да произведат повеќе. Ги зголемивме државните буџетски вложувања во овој важен сектор и се фокусиравме кон поддршка на стратешките земјоделски производи.

За прв пат донесовме и „Национален план за производство на храна“, кој содржи конкретни мерки за поддршка на овој важен сектор во време на криза и планот веќе се реализира. Тоа се мерки за зголемено производство на домашна храна, за увозна независност, мерки со кои ги поттикнуваме земјоделците максимално да ги искористат сите ресурси, секоја педа обработливо земјиште, за да произведат повеќе. И тоа веќе дава резултат, ние имаме зголемени површини за производство на пченица од 15.000 хектари. Храна ќе има за сите.

Планот вклучува и Интервентна програма за која со ребалансот за годинава се обезбедија дополнителни 500 милиони денари, со што вкупната вредност на оваа програма достигна 900 милиони денари. 

Паралелно, обезбедена е фиксна директна финансиска поддршка за сите земјоделци и за сите култури по обработлива површина, а преку дополнителни мерки ги помагаме стратешки важните култури и производи. За сите земјоделци обезбедивме поддршка од 50% за покривање на трошоците за набавка на зелена нафта за да имаат поекономично производство. Со законски измени веќе обезбедуваме можност поддршката за зелена нафта да биде 100%.

Вратите во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и во Владата за вас се отворени, за сите сугестии, за сите предлози, заедно да ги дискутираме и да овозможуваме раст на земјоделското производството.
Верувам дека денешниот Саем ќе прерасне во традиција и ќе биде наше национално обележје бидејќи нашата храна и нашето вино се нашето  најголемо богатство, по нив сме познати секаде во светот.

Јас не би должел повеќе, ве поканувам заедно да уживаме во денешниот ден на прекрасни вкусови, направени со многу труд и со многу љубов и да ги поддржиме и да купуваме од нашите врвни домашни производители, и посакувам оваа манифестација, овој саем да прерасне во традиција.

Ви благодарам.“