Премиерот Ковачевски: Новите инвестиции и работни места се потврда на добрите економски политики и стабилната инвестициска клима која ја создаваме

„Потврда за добрите економски политики што ги водиме и стабилната инвестициска клима која ја создаваме во земјава, е проширувањето со нов производствен капацитет и новите вработувања во технолошко-индустриската развојна зона Скопје 1”, истакна премиерот Димитар Ковачевски на денешното отворање на втората фабрика на американската компанија „Кемет Електроникс“ каде присуствуваа и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и директорот на Технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) Јован Деспотовски.

„Ми претставува чест што денеска сум тука во „Кемет Електроникс“ која заради поддршката и условите кои ги добива во земјата, по отворањето на првата фабрика, денес отвора втора. Во првата фабрика на „Кемет Електроникс” која во Северна Македонија произведува кондензатори за автомобилската индустрија и разни индустриски апликации, во моментов работат 400 наши граѓани. Според планот на компанијата, предвидено е да има 500, 600 и 700 вработени на среден рок. Во втората фабрика пак, се предвидени дополнителни 360 нови вработени”, рече премиерот Ковачевски.

Тој истакна дека покрај бројните предизвици, Владата работи во интерес на економското закрепнување на земјата, развој и подобар квалитет на живот за сите граѓани.

„Ние во текот на изминатиот период поминуваме навистина низ големи кризи, прво беше девастирачката ковид, корона која ги затвори пазарите, ги отежна каналите на снабдување и затоа како Влада помогнавме со 1,2 милијарди евра во справувањето со истата на најранливите категории на граѓани, на компаниите за задржување на работните места, за задржување на ликвидноста за да можат после тоа да продолжат со работа. Се потврди како успешно, бидејќи сите фабрики во државата, после корона-кризата продолжија со работа и со зголемено производство. Но, потоа дојде енергетската криза, војната во Украина. Повторно затворање на пазарите и уште полошо зголемување на цените на енергенсите, на суровините, зголемување на трошоците за живот. И тогаш и сега и на почетокот на годината и сега повторно имаме пакети за помош - антикризни пакети за најранливите категории на граѓани, за оние кои имаат најниски пензии, кои имаат ниски примања кои навистина не можат од ранливите категории на граѓани да остварат дополнителен приход. Тоа се самохрани родители, лица со попреченост, пензионери со најниски примања. Државата секогаш ќе биде тука за сите работници, секогаш ќе биде тука за сите пензионери, за сите граѓани во државата затоа што нашите граѓани тоа го заслужуваат”, подвлече премиерот Ковачевски и додаде дека отворањето на нови работни места, во услови на криза, која владее не само кај нас, не само во земјите во регионот и Европа туку во цел свет, е од голема важност за подобрување на стандардот на граѓаните и економскиот развој на земјата.

„Сите ја гледаме вредноста на отвореноста на нашите луѓе, сите ја гледаме вредноста на нашите добри пријателски односи и со САД и со ЕУ. Сите на крајот на денот ја гледаме вредноста на тешките одлуки кои што ги носи Владата на Северна Македонија. Само со такви тешки одлуки, со лидерство, со водство на својот народ може да се стигне до големата награда. А, големата награда е членство во Европската Унија. ЕУ е концепт на здружени држави, во кои има социјална правда, економски напредок и демократија. Тоа е тоа што нашите граѓани го заслужуваат и тоа е тоа за кое вреди да се бориме, да се носат добри одлуки, тешки одлуки затоа што на крајот на денот таа голема награда од членство во ЕУ, да се биде на иста голема маса со сите држави од ЕУ и да имаме посреќен и побогат народ на оваа генерација и на идните генерации”, заклучи премиерот Ковачевски.

Директорот на ТИР-зоните Јован Деспотовски истакна дека инвеститорите веруваат во потенцијалите и капацитетите на нашата држава и дека со новиот концепт на ТИРЗ кој се применува изминатата годинаипол, се постигнуваат резултати.

„Покажуваме дека знаеме како да донесеме нови инвеститори, но и да го искористиме потенцијалот на постоечките. Оваа втора фабрика на „Кемет Електроникс“ кој вложува дополнителни 23 милиони евра е токму таков пример и доказ за довербата на инвеститорите кои веруваат во потенцијалите и капацитетите на нашата држава. Членството во НАТО и стабилноста се клучни за инвеститорите кои сакаат предвидлива клима. Со новиот концепт на ТИРЗ за само 18 месеци постигнавме договори од 620 милиони евра кои носат над 4000 вработени. Само „Кемет Електроникс“  ќе го удвои бројот на вработени на над 800. Оваа компанија само годинава два пати ги зголеми платите на своите вработени. Целта која си ја поставивме не е само зголемен број на работните места туку и подобро платени. Остануваме посветени на оваа цел обезбедувајќи целосна поддршка за инвеститорите”, рече Деспотовски.


 

Обраќање за премиерот Ковачевски на свеченото отворање на втората фабрика на американската компанија Кемет во ТИРЗ Скопје 1

 

Навистина се работи за високотехнолошка компанија која што работи со современи машини и алати кои што дури и јас можев да ги употребам при кратката работа што ја имав тука. 

Сакам да изразам почит на потпретседателот на компанијата „Кемет Електроникс“, г. Мајер. Со г. Мајер ние се имаме сретнато 30 минути на еден единствен состанок кој сме го имале и тоа беше доволно за да ја донесат финалната одлука за изградба на втората фабрика во нашата држава. Затоа сум благодарен.

Сакам да ја поздравам и директорката на компанијата, г-ѓа Илиоска како претставници на корпоративниот менаџмент на „Кемет Електроникс“, 

Пред сѐ, сакам да ве поздравам вас, почитувани вработени во компанијата, бидејќи без вработени, фабрика не може ниту да работи, ниту може да напредува.

Почитувани членови на Владата, почитуван директор на ТИРЗ,

Пред скоро една година, кога станав претседател на Владата, заедно со мојот тим мотивирано влеговме во нов почеток. Мотивацијата и тимската работа се клучниот фактор за успех на било кој колектив, но пред сѐ мора да има стратегија и мора да има визија каде сака да се движи. Кога го говорам ова, не зборувам само за времето во кое сум премиер, туку зборувам за целокупното мое искуство кое го имам во професионалната кариера досега. 

За да може една компанија да ги оствари своите цели, пред сѐ треба да води грижа за своите вработени, да ги разбере нивните потреби, да ги мотивира, зошто само така ќе создаде атмосфера во која што работникот ќе ја гледа компанијата како своја и како дел од себе. 

Јас 22 години поминав во приватниот сектор, 2,5 години работев во фабрика исто како и вас и тоа беше прекрасен период од мојот живот затоа што кога работите во фабрика вие секој ден создавате нешто ново. Секој производ кој се создава, кој излегува го има вашиот личен печат на него. Тоа е најубавото чувство кое човек го има откако ќе заврши со работното време.

Јас знам дека оваа фабрика ќе се развива бидејќи внимателно ја следев презентацијата на директорот Мајер и ако го погледнеме податокот за просечниот годишен раст на индустријата во која тие работат, тогаш јас верувам дека набргу после втората фабрика, во Скопје ќе има и трета фабрика на „Кемет Електроникс“. 

Тоа е затоа што пазарот расте, затоа што „Кемет Електроникс“ продава исклучително квалитетни производи и затоа што ние како Влада ќе обезбедиме помош и поддршка тоа проширување да се случи тука кај нас, а не во некоја друга држава. 

Ми претставува чест што денеска сум тука во оваа компанија која постои 85 години, која има централна улога во развојот на критичните технологии за развојот на новите индустрии во обновливи извори на енергија, во вештачката интелигенција, во електричните возила и во индустријата воопшто. Сѐ ова што набројав се најновите трендови во индустрискиот развој во светот. 

Во првата фабрика на „Кемет Електроникс” која во Северна Македонија произведува кондензатори за автомобилската индустрија веќе работат 400 наши вработени. Според планот на компанијата, кој беше покажан набргу ќе има и 500, 600 и 700 вработени на среден рок. 

Во втората фабрика пак, се предвидени 360 нови вработени. Одлуката на компанијата, да го прошири производство во Северна Македонија, да изгради нов производствен капацитет и да обезбеди нови вработувања е потврда за добрите економски политики што ние како Влада ги имаме и секако економски политики кои не се однесуваат само на поддршка на инвеститорите туку се однесуваат и на поддршка на вработените бидејќи политиките кои ги имаме за поддршка на инвестиции се насочени и кон зголемувањето на платите на вработените и последните зголемувања на платите токму тука во „Кемет Електроникс“ покажуваат дека тие даваат резултати.

Дури и кога зборувавме со синдикатите за зголемување на минималната плата, во компаниите во ТИРЗ и кај членките на стопанската комора воопшто не беше тема на преговори затоа што сами кажаа дека тоа не е проблем да се направи со оглед на тоа што и тие самите и менаџментот и сопствениците на овие големи фабрики сакаат вработените да земаат што поголеми приходи бидејќи така и нивните компании растат.

Ние во текот на изминатиот период поминуваме навистина низ големи кризи, прво беше девастирачката ковид, корона која ги затвори пазарите, ги отежна каналите на снабдување и затоа како Влада помогнавме со 1,2 милијарди евра во справувањето со истата на најранливите категории на граѓани, на компаниите за задржување на работните места, за задржување на ликвидноста за да можат после тоа да продолжат со работа. Се потврди како успешно, бидејќи сите фабрики во државата, после корона-кризата продолжија со работа и со зголемено производство. 

Но, потоа дојде енергетската криза, војната во Украина. Повторно затворање на пазарите и уште полошо зголемување на цените на енергенсите, на суровините, зголемување на трошоците за живот. И тогаш и сега и на почетокот на годината и сега повторно имаме пакети за помош - антикризни пакети за најранливите категории на граѓани, за оние кои имаат најниски пензии, кои имаат ниски примања кои навистина не можат од ранливите категории на граѓани да остварат дополнителен приход. Тоа се самохрани родители, лица со попреченост, пензионери со најниски примања итн. 

Сметам дека треба да бидеме солидарно општество и сите да помагаме. Но таа помош, таа помош доаѓа од вас, кои што работите во приватниот сектор. Јас секогаш повторувам, вредноста на едно општество се креира од приватниот сектор. Вие сте тие кои создаваат вредност, вие сте тие кои што плаќате даноци, вие сте тие кои ја креирате вредноста на компаниите од кои што се плаќа данокот на добивка. 

Затоа, вработените кои работат во приватниот сектор секогаш ќе ја имаат мојата најголема почит, бидејќи јас 22 години бев дел од приватниот сектор.

Ако ги погледнеме бројките, кои ги покажа директорот за „Кемет Електроникс“ има еден многу важен податок. „Кемет Електроникс“ има годишни приходи, кои се поголеми од годишните приходи на македонскиот буџет. Тоа го прави со 45.000 вработени. Нашиот буџет има нешто помалку од приходите колку што има „Кемет Електроникс“ но тоа го прави со 3 пати поголем број на вработени.

Затоа сметам дека на нашата држава и треба реорганизација на јавната управа, и треба усогласување со најновите принципи за управување за менаџмент практики со цел да стане поефикасен и попродуктивен сервис на сите граѓани во државата.

Тоа е уште една причина зошто секогаш велам дека вработените и работниците во приватниот сектор се тие кои креираат секогаш поголема вредност и продуктивност за државата.

За „Кемет Електроникс“ може уште многу да се зборува, меѓутоа приказната за „Кемет Електроникс“ најдобро ја кажуваат нивните купувачи и оние во чиишто финални производи се вградени производи кои вие ги правите. Од Тесла, од Бош и други врвни светски брендови.

Она што можам да кажам е дека државата секогаш ќе биде тука за сите работници секогаш ќе биде тука за сите пензионери, за сите граѓани во државата затоа што нашите граѓани тоа го заслужуваат. 

И финално, сите ја гледаме вредноста на отвореноста на нашите луѓе, сите ја гледаме вредноста на нашите добри пријателски односи и со САД и со ЕУ. Сите на крајот на денот ја гледаме вредноста на тешките одлуки кои што ги носи Владата на Северна Македонија. Само со такви тешки одлуки, со лидерство, со водство на својот народ може да се стигне до големата награда. А, големата награда е членство во ЕУ. ЕУ е концепт на здружени држави, во кои има социјална правда, економски напредок и демократија. 

Тоа е тоа што нашите граѓани го заслужуваат и тоа е тоа за кое вреди да се бориме, да се носат добри одлуки, тешки одлуки затоа што на крајот на денот таа голема награда од членство во ЕУ, да се биде на иста голема маса со сите држави од ЕУ и да имаме посреќен и побогат народ на оваа генерација и на идните генерации.

Ви благодарам, ви посакувам многу здравје, успех и среќа.