Конференција за здружување на општините и заедничко делување во заштита на животната средина

Министерството за животна средина и просторно планирање прави напори за создавање услови во кои општини ќе можат постојано да ги подобруваат стандардите за животна средина преку обезбедување инвестиции и надградување на капацитетите на општините за спроведување на законите и да им помогне во пристапот и користењето на европските фондови за инфраструктурни проекти, истакна денеска министерот Абдилаќим Адеми.

Тој на денешната конференција „Политиката за животната средина во Македонија: препораки на ЕУ при соработката со општините“, на која присуствуваат градоначалници и претставници на локалните самоуправи, истакна дека ќе бараат начин општините да се здружат и заеднички да постапуваат со отпадот, како и дека ќе им биде укажано и на неопходните административни капацитети за спроведување на законите и за искористување на ЕУ фондовите.

- Локалната самоуправа во голема мерка има надлежности преку кои самостојно може да ја креира својата политика во оваа област и да обезбеди добра заштита на животната средина на локално ниво. Но, управувањето со животната средина на локално ниво истовремено значи предизвик за општините и тоа особено во делот на постапувањето со отпадот и водите. Со законите во кои се транспонирани директивите на ЕУ се воспоставија високи стандарди кои бараат значителни инвестиции, но и соодветни административни капацитети за нивно спроведување, рече Адеми.

Тој нагласи дека развитокот на локалната самоуправа е значаен фактор во процесот за пристапување во ЕУ и оти процесот на децентрализација во областа на животната средина е еден од најнапредните.

Министерот за животна средина посочи дека општините имаат ингеренции за давање Б интегрирани дозволи, имаат инспекторат за животна средина, како и други надлежности за изработка на инфраструктурни проекти за животна средина.

- Во последниот извештај на Европската комисија, Македонија има напредок во животната средина во усогласување на законите со европското законодавство. Но, во Македонија треба да се надградуваат капацитетите на централно и локално ниво и да се зголемат инвестициите, рече Адеми.

На конференцијата шведски и литвански искуства ќе пренесат поранешниот литвански министер за животна средина Арунас Кундротас, кој ги водеше преговорите за поглавјето животна средина за Литванија и поранешниот преговарач за поглавјето животна средина во рамки на процесот на пристапување на Шведска, Улф Свиден.

Шведскиот амбасадор во Република Македонија Ларс Валунг истакна дека шведски експерти ќе им помагаат на градоначалниците и ќе им посочат конкретна студија за да видат како се решаваат одредени проблеми и прашања.

Валунг посочи дека по пилот проектот за собирање отпадни батерии во супермаркети, следниот чекор е на општините да ги соберат, а понатаму да се транспортираат во друга земја каде што ќе бидат рециклирани.