За купување на ОХИС досега заинтересирани шест компании

Покрај македонската и двете бугарски компании, интерес за јавниот повик за продажба на загубарот АД ОХИС  покажаа уште по една руска, турска и албанска компанија. Четири од нив се од иста дејност со ОХИС, а две веќе ја подигнаа тендерската документација.

Ова го истакна министерот за економија Ваљон Сарачини на денешната средба во ОХИС со директорот, дел од менаџментот и синдикатот на која им ги пренесе информациите од потенцијалните инвестори.

- При комуникацијата со потенцијалните инвеститори укажуваме дека бројот од 840 вработени мора да се задржи во наредните пет години, порача министерот Сарачини по средбата.

Главни критериуми на понудата, потенцира, ќе бидат цената која ќе носи 10 бода, 30 бода се предвидени за бонитетот, 30 за инвестициите во наредните пет години и 30 бода за бројот на дополнителните вработувања во наредните три години. Компанијата мора да има приход од најмалку два милиони евра во последните три години и банкарска гаранција од милион евра.

- Многу од потенцијалните инвеститори ги прифаќаат овие услови, како и условите за заштита на животната средина и вложување во т.н. екопријателски технологии. Очекувам  овој тендер да биде последен и успешен, рече Сарачини и најави дека кон крајот на идниот месец на продажба ќе бидат понудени и загубарите Еурокомпозит и Тутунски комбинат од Прилеп.

Директорот на ОХИС Пеце Јовески посочи дека мисијата на Управниот одбор во последните четири години била да се заштити имотот на компанијата, да се обезбеди минимално одржување на финкцииите и исплата на плтатите. - Мисијата не беше воопшто лесна и наивна, рече Јовески.

Пеце Ристовски од Синдикатот  истакна дека немаат посебни забелешки на тендерските услови освен во делот на задржување на дејноста, бидејќи, како што рече, најголем дел од вработените се на 50-годшна возраст и добро си ја познаваат работата што ја работат па затоа не би било соодветно да се преобучуваат. Забележуваат и на 12-те неисплатени плати на вработените и бараат од Владата да интервенира за, како што нагласи, вработените да можат да преживеат до јули годинава кога потенцијалниот инвеститор би ја зел компанијата во свои раце.

- Бараме да има и транспарентност на постапката и вработените да бидат запознати кои дејности ќе ги развива инвестоторот и колку мисли да ги плаќа враоботените, рече Ристовски.

Тој потенцира дека новиот сопственик нема да има можност да ги отпушта вработените доколку напишаното во тендерската документација се препише во договорот за купопродажба, освен во случаи на недисциплина, исполнување на услови за пензионирање и напуштање на работата по волја на работиникот со претходен договор. Тоа го потврди и министерот Сарачини.

ОХИС минатата година ја заврши со загуби од 13,9 милиони евра иако на крајот на третиот квартал загубата беше само 1,5 милион евра. Директорот Јовески вели дека реалните загуби се само 149 милиони денара и се многу помали од вообичаените досега, а вкупните загуби од 13,9 милиони евра се резултат на чистењето на билансите и вклучувањето на дополнителните загуби кои се настанати поради книжењето на становите што вработените му ги исплаќале на рати на Министерството за финансии како побарување од Министерството. Тоа, како што рече, е направено со цел компанијата да се остави со чисити сметки на идниот инвеститор.

- Во ОХИС реално не се исплатени 4 плати, а останатите до 12 се должат на 8-те замрзнати плати во периодот од 2005 до 2007 година согласно законот за бруто плата, информира Јовески и додаде дека платите не може редовно да се исплаќаат заради судските решенија за исплата на заостанатите плати од порано.