Заев и Борел: Северна Македонија ги исполни потребните услови за да ги започне преговорите и заслужува да продолжи во следната фаза на процесот без одложувања

Претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев придружуван од заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска оствари средба и со потпретседателот на Европската Комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Жосеп Борел.

После средбата, двајцата соговорници Заев и Борел дадоа изјави за резултатите од останатите средби на нашата владина делегацијата во Брисел, кои во продолжение ви ги пренесуваме во целост.

Интегрален текст од изјавата на премиерот Заев

„Почитуван потпретседател Борел,

Почитувани граѓани на Европската унија и на Република Северна Македонија,

Ја привршувам мојата работна посета на Брисел и навистина е задоволство што еден од моите последни состаноци е со потпретседателот на Европската комисија и Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жосеп Борел.

Имавме навистина плодна дискусија за процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ.

Деновиве во Брисел ние имаме јасна мисија – да ја пренесеме пораката од македонските граѓани до претставниците на ЕУ дека работевме вредно, испорачавме и сакаме да го дадеме нашиот соодветен удел во иднината на Европа.

Дишеме, живееме и растеме со европските идеи и вредности! И знаеме дека нема друг пат освен европскиот. Ние сме посветени на нашите заеднички вредности и на спроведувањето на стандардите и критериумите на ЕУ. И веќе не сакаме да стоиме и да чекаме. Сакаме да се движиме напред бидејќи тоа е европскиот пат, европскиот начин. Ние сме за мобилност, не за ѕидови.

Не бараме повеќе од она што сме заслужиле, а тоа е да се одржи првата меѓувладина конференција што е можно побрзо. Уште во март 2020 беше потврдено дека Северна Македонија ги има исполнето своите обврски и сега е време ЕУ да испорача.

Може ли да зборуваме за Западен Балкан без Северна Македонија? Може ли да зборуваме за Европа без Западен Балкан? Не!

Во изминативе децении и во изминатиов век ние многу се боревме со цел да го пронајдеме патот кон мир и толеранција. И сега сите сме подготвени да се интегрираме, да сонуваме заедно и да заедно да постигнуваме резултати.

Позитивен чекор напред за Северна Македонија би претставувал охрабрувачка порака за целиот регион. Чекор наназад за Северна Македонија ќе значи порака што обесхрабрува, порака за целиот Западен Балкан.

Јас го знам ова и европските лидери го знаат ова. Ајде заедно да го направиме ова на европскиот начин!

Ви благодарам!“ 

Интегрален текст од изјавата на потпретседателот на ЕК и висок претставник за надворешна политика на ЕУ Борел

„Среќен сум што му посакав добредојде на премиерот Заев денеска во седиштето на Европската служба за надворешно дејствување.

Вчера разговаравме со министрите за надворешни работи на земјите - членки на Европската унија за важноста на Западен Балкан и за нашата континуирана, дури и зајакната посветеност кон овој регион.  Министрите ја реафирмираа европската перспектива на целиот регион.  Има многу силна поддршка што е можно побрзо да се одржи првата меѓувладина конференција за Северна Македонија.

Дозволете ми да нагласам многу јасно: нема поддршка за „раздвојување“ - ниту во институциите на ЕУ, ниту меѓу земјите - членки. Северна Македонија ги исполни потребните услови за да ги започне преговорите за пристап, и слично како Албанија, заслужува да продолжи во следната фаза  на процесот без одложувања.

Би сакал да го истакнам високото ниво на вашата усогласеност со нашите позиции и одлуки за надворешна и безбедносна политика. Ние го цениме и го разбираме тоа како уште еден израз на вашата посветеност кон европскиот пат на вашата земја.

Северна Македонија може  да смета на нас и на нашата поддршка, кога станува збор за наоѓање решение за напредување на пристапниот пат, но исто така и кога станува збор за вакцините (штотуку ја доставивме првата група од вкупно 120.000 вакцини целосно финансирани од ЕУ за Северна Македонија) или геополитички предизвици.

Нашата заложба беше јасна на денешниот состанок и беше исто така јасна вчера во дискусиите со 27-те министри за надворешни работи на ЕУ.“