Од денеска не важат старите пасоши и лични карти, повеќето граѓани извадиле нови

Најголем дел од граѓаните, односно 1.445.663 ја исполниле обврската за промена на старите лични карти, додека 1.377.312 извадиле нови биометриски патни исправи.

Од денеска, старите лични карти и пасоши се надвор од употреба, додека старите возачки дозволи важат до 1 октомври годинава.

- Практично, 83 проценти од вкупната популација која задолжително мора да има лична карта ја исполниле оваа обврска, а нови патни исправи извадиле исто така висок процент граѓани. Оттука, не очекуваме во периодот што следува да има некакви посериозни проблеми за граѓаните, во смисла на нивните права кои треба да ги остваруваат, а при тоа имаат потреба од презентација на личен документ, изјави денеска министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска која ги посети службите каде се издаваат документите.

Сите оние кои не успеале да ги извадат личните документи и натаму тоа можат да го сторат во управните служби во градовите каде што живеат.

- На барање на граѓаните излегуваме во пресрет и онаму каде има потреба од испраќање мобилна станица за лични документи ќе им овозможиме на сите граѓани да го остварат своето право, односно да не бидат доведени во ситуација да не можат да го потврдат својот идентитет со немање биометриски документ, рече Јанкулоска. 

Одредена бројка државјани на Република Македонија кои во периодот кога требаше да ги заменат патните документи, особено иселениците од одредени причини не ја направиле замената, информираше министерката, ќе може непречено да се вратат во земјата, доколку имаат патен лист издаден од дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија секаде во светот.

- Доколку кое било од овие лица успее да стигне до нашата државна граница и поседува документ со истечен рок нема да има никаков проблем да влезе во Република Македонија, односно нашите гранични служби ги признаваат и документите со истечен рок, рече Јанкулоска.

Сепак, како што додаде, МВР ги советува да извадат нови патни исправи поради транзитот низ повеќе земји пред да стигнат во Македонија.

- МВР нема воведено нови санкции доколку полицаец затекне лице со стари документи. Практично, казнените одредби од Законот за лична карта се истите како што беа и претходно, односно пред истекување на рокот за замена. Мислам дека најголемата санкција за граѓаните е неможноста да завршат некоја работа заради тоа што овие обрасци се надвор од правен промен, истакна Јанкулоска. 

Граѓаните и натаму можат да поднесуваат барање за издавање лична карта и патна исправа граѓаните од Скопје го вршат преку бесплатниот телефонски број 080019292. Граѓаните кои немаат важечка лична карта (изминат рок, изгубена) можат без закажување веднаш да поднесат барање за издавање нова во подрачните единици на МВР.