Прелиминарно распределени социјални станови за 76 семејства во Прилеп

На 76 деца без родители, самохрани родители и социјално загрозени семејства денеска во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп прелиминарно, по електронски пат им беа распределени социјалните станови во новоизградената социјална зграда во прилепската населба Точила.

На распределбата присуствуваа министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, директорот на Акционерското друштво за станбен и деловен простор Цветко Грозданов и прилепскиот градоначалник Марјан Ристески.

Според Мисајловски, денешниот ден е најсреќен за 76 семејства од ранливите категории кои ќе се стекнат со покрив над главата.

- Според огласот на Министерството за транспорт и врски учествуваа социјално загрозени семејства од седум категории. Во прилепскиот Центар за социјални работи аплицираа 232-ца граѓани, од кои 173 беа со целосна документација. Водејќи се од политиката на владата за згрижување на социјално ранливите категории, предност имаат децата без родители и самохраните родители, истакна пред присутните Мисајловски.

Денешната прелиминарна распределба не е конечна, зашто комисијата ќе излезе на терен.

- Од утре комисија од Министерството за транспорт и врски ќе изврши детална контрола на лицата кои се на прелиминарната листа. Кај сите оние каде фактичката состојба не одговара на приложените документи, ќе бидат исфрлени од листата и становите ќе им бидат доделени на лица со ист или помал број бодови доколку ги исполнуваат условите, нагласи Мисајловски.

Прилепчанката Наташа Цикуроска (34 години), самохрана мајка на четири деца беше пресреќна кога го виде своето име на листата на оние кои добиле стан. 

- Пресреќна сум, во исто време и не можам да верувам. Сега моите четири деца имаат свој дом и покрив над главата. Ова е и како роденденски подарок за мојата 12-годишна ќерка која деновиве слави роденден, рече со солзи во очите Цикуроска.

Како што објасни директорот на Акционерското друштво за станбен и деловен простор Грозданов, постапката е транспарентна, а наемнината и станарита се симболични.

- Закупнината ќе изнесува 15 денари од метар квадратен или за стан од 45 метри квадратни ќе се плаќа закупнина од околу 650 денари месечно. Се надевам дека станарите ќе се грижат за становите како за сопствени, ние и натаму сме тука да продолжиме со сервисирање на изградената зграда, рече Грозданов.

За градоначалникот Ристески ова е голема можност 76 прилепски социјално загрозени семејства да добијат покрив над главата.

- Овој проект на Владата многу значи, особено за 76-те семејства од рабнливите категори зашто конечно обезбедуваат покрив над главата, рече Ристески.