Отворена градинка за децата на вработените од Министерството за финасии

Градинка за децата на вработените денеска беше отворена во Министерството за финансии на Република Македонија. Градинката „Мали мили буџетчиња“ е прва од ваков вид во Македонија, има капацитет за 40 деца и е наменета за две возрасни групи од две до четири и од четири до шест години. 

- Идејата за отворање на ваква градинка ја носам уште од времето кога работев во Светска банка каде што исто така имаше ваква градинка за вработените и е практика во светот во многу финансиски и други корпорации. Во многу приватни фирми се води грижа за децата преку отворање на градинки за вработените да можат да ги сместат нивните деца. Токму затоа со многу љубов и ентузијазам пристапивме кон овој проект, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставревски во поздравниот говор на отворањето на градинката. 

Верувам, нагласи, дека отворањето на градинката ќе претставува силна мотивација за сите сегашни родители во Министерството за финансии, но и за идните родители, бидејќи во Министерството има доста млади луѓе кои допрва ќе станат родители. Сметам дека ова ќе ги поттикне понатаму да се решат да имаат  дечиња, бидејќи ќе знаат дека има грижа за тие деца и добри услови.

- Мојот омилен класик Фјодор Достоевски  крекол дека душата ни е смирена кога сме со децата. Јас како родител и сите што се родители знаат дека ова е голема вистина. Секогаш кога сме со нашите деца и тогаш кога не слушаат и кога помалу не слушаат и кога се мали и кога се малку поголеми и уште поголеми, секогаш кога мислиме на нив чувствата се убави и душата е восхитена, рече Ставрески. 

Пред повеќе од една година, потсети, ја отворивме новата зграда на Министерството за финансии.

- Колку и да е таа убава, а сите велат дека е убава, морам да кажам дека највредниот ресурс на Министерството за финансии не е зградата, туку се луѓето што работат во таа зграда кои се извонредни професионалци и морам  без лажна скромност да кажам - најдобрите во државава. Она што тие го даваат како вработени во Министерството за финансии целосно ги исполнува стандардите и претставува стандард во државава како треба да работи јавниот сектор и јавната администрација, рече Ставрески.

Токму за да се чувствуваат  подобро вработените, додаде, и да ги извршуваат попродуктивно работните задачи дојдовме на идеја дека е потребно да им помогнеме да бидат поблиску до нивните деца и нивните деца да бидат згрижени како што треба. 

Вицепремиерот и министер за финансии им се заблагодари на сите што биле вклучени во проектот и на министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и неговиот тим за, како што рече, сесрдната помош во сите фази од реализацијата на идејата за да ги постигнат стандардите што ги има градинката.

- Овде децата ќе имаат извонредни услови за работа и ќе бидат внимателно и грижливо сместени, ќе учат многу работи и ќе ги слушаат негувателките и воспитувачките, нагласи Ставрески. 

Тој посака се она што Министерството за финасии како пионер го направи и што го прави во делот на човечките ресурси  да се направи во сите државни институции.