Пуштен во употреба нов објект за децата со оштетен вид

По повод Светскиот ден на Белиот стап, денеска беше пуштена во употреба нова зграда на Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Општина Кисела Вода, која ќе го подобри квалитетот на образованието на најранливата група деца во Македонија.

Објектот во вредност од 363.000 долари финансиран од Европската команда на Армијата на САД, е изграден според високи стандарди за ученици со оштетен вид.

На свеченоста се обратија премиерот Никола Груевски, министерот за образование и наука Абдилаким Адеми и амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли.

- 15. Октовмри - Меѓународниот ден на слепите и слабовидни лица е само еден ден во годината, ден кој треба да се одбележи, да се направи пресек и да се продолжи со проекти кои помагаат за полесно надминување на тековните проблеми со кои се соочуваат оваа категорија граѓани. Ваквиот ден би бил сосема без значење ако во текот на другите денови од годината се нема конзистентност и се затаи со хуманата човечка димензија и свесност за потребите на овие лица, рече премиерот Груевски.

Тој притоа посочи многу владини проекти што во соработка со Сојузот на слепи лица се спроведени во изминатите неколку години за подобрување на нивната положба, меѓу кои набавка на 400 аудио книги, изградба на дактилни патеки, воведување софтверско решение од исклучителна важност за работа со компјутери на слепите лица и правото на додаток за слепило од 7.000 денари.  

- Во делот на вработувањата од 2007 година спроведуваме програма за субвенционирање на вработувања на инвалидни лица, меѓу кои и лица со оштетен вид за нивно интегрирање на пазарот на труд. Во сите овие години субвенционирано е вработувањето на над 2.500 лица по оваа програма, која ќе продолжи во иднина. Изминатиот период е објавен и оглас за вработување на 300 лица со инвалидност и во моментов во тек е постапката за нивно распоредување по институции. Нов проект во делот на вработувањата е и Грант за вработување лица со инвалидност меѓу кои и со оштетен вид во висина од 5.000 евра за основање сопствен бизнис, рече Груевски и се заблагодари за американската помош за денеска промовираниот нов објект.  

Министерот Адеми истакна дека одговорна држава е онаа која подеднакво се грижи за сите свои граѓани, а во таа насока Министерството за образование и наука, Владата и другите надлежни институции, рече, системски работат на подобрување на животот на сите луѓе со попреченост во нашата земја. 

- Новиот објект со површина од 463 метри квадратни е донација на Европската команда на Армијата на САД, која за овој проект издвои околу 363 илјади долари. Со помош на нашите пријатели од Војската на САД, учениците добија современ објект, опремен со сите помошни и нагледни средства. Движењето низ училишната зграда ќе им биде олеснето на учениците, бидејќи таа е опремена со дактилни патеки, специјално наменети за лицата со ошетен вид, истакна министерот Адеми. 

Амбасадорот Бејли истакна дека покрај овој проект, кој е финансиран од Европската команда на Армијата на САД, во тек е уште еден проект на УСАИД во соработка со ЈИЕ Универзитетот за подобрување на условите за образование на лицата со оштетен вид во пет региони во државата вклучувајќи го и „Димитар Влахов“.

- Овој проект е со цел да има што повеќе материјали за учениците со оштетен вид и да се подигне свеста за нивните потреби. Проектот инспирираше и други да ни се приклучат. Така, Здружението на офталмолози ова лето изврши очен преглед на 500 деца во градинките. Очекуваме до крајот на годината 1.000 деца ба дидат прегледани, а во наредниот период да стигне и до 5.000 деца, рече Бејли. 

Светскиот ден на Белиот стап од Обединетите нации е признат како симбол на слепите лица зашто им овозможува поголема мобилност и учество во заедницата. 

Националниот сојуз на слепите на Република Македонија по повод 15 Октомври апелира да се укинат сите облици на дискриминација кон слепите лица во сите сфери на општеството, како достапност на физичкото опкружување, приспособеност на јавниот превоз, соодветна примена на новите ИТ-технологии, пристап до едукација, вработување, егзистенција.