Вицепремиерот Пешевски во посета на Градско

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања Владимир Пешевски со својот тим и претставници од други јавни институции денеска  ја посети општина Градско.

Пешевски, придружуван од  Жанета Чаушевска градоначалник на Општина Градско, се сретна со жителите на Градско, ја посети железничката станица којашто се реновира, како и Фармата „Агриа“ кај село Чичево во близина на Градско.

Жителите на Градско и околните населени места како клучни проблеми пред Пешевски ја посочија патната инфраструтура, пред се, потребата за реновирање на локалниот пат Градско - Долно Чичево и Горно Чичево, а останатите локални патишта да се тампонираат и израмнат за полесно движење на земјоделците со земјоделската механизација, заради  побрз дотур на репроматеријали и готови производи од и до нивите и овоштарниците, посебно во време на жетва и берба на грозјето.

- За оваа намена ќе побарам на идната седница на Владата да се направи ревизија на Програмата за рурален развој, за  да им се овозможи наоОпштините да конкурираат за реновирање на локалните патишта, потенцира Пешевски и вети дека ќе се ангажира овие барања брзо да се решат. 

Тој во разговор со градоначалничката Чаушевска вети дека за оваа намена Општина Градско ќе добие средства кои понатаму ќе ги намени за средување на локалните патишта за да им се помогне на сите земјоделци од општината.

При посетата на Железничката станица во Градско, која е една од 11-те во земјава за чие реновирање се издвоени два и пол милиони евра, Пешевски од вработените во станицата  беше информиран дека покривот и санитарните јазли се завршени, а работите ќе бдат завршени за 30 дена.

При посетата на Свињарската фарма „Агриа“ виспремиерот Пешевски разговараше со Перо Колевски сопственикот на фармата, која располага со репродуктивен центар со најнова технологија од високо европско ниво.

Станало збор и за изнаоѓање модалитети за подобрување на произвдоството на свежо говедско месо во државата со оглед дека фармата е заинтересирана и за одгледување говеда.

- Разговаравме и за некои други сугестии, кои ни ги даде сопственикот и ќе настојуваме во најскоро време да и разрешиме во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство, потенцира Пешевски.

Пешевски се сретна и разговараше и со Гоце Ангелов успешен млад земјоделец од Градско, кој во изминатите 10 години ги користи сите мерки и помош што Владата им ги нуди за земјоделците.

Ангелов и заблагодари на Владата што му овозможила да успее за овие 10 години како млад земјоделец. Тој информира дека има 80 хектари под закуп од државата, има земено средства за набавка на механизација 50:50, а редовно зема и субвенции и користи и други поволности.  

- Ако се работи и со сите овие мерки и поволности од Владата секој може да успее, само треба да ги следи мерките да конкурира и да работи и успехот нема да изостане. Јас сум најголем производител на кајсии во Македонија и ги извезувам во повеќе европски земји, а со тоа на најдобар начин сум и амбасадор на нашата земја, вели Ангелов.