Ставрески: Како што е ветено, решен проблемот со водоснабдувањето во Росоман

Во Општина Росоман со поддршка од Владата се решава деценискиот проблем со водоснабдувањето. Денеска беше пуштен во употреба нов резервоар кој ќе обезбеди дополнителни 250 метри кубни вода за 3.000 жители на Росоман, Манастирец и Рибарци кои ќе добијат доволни количини чиста вода за пиење.

На пуштањето во употреба на резервоарот присуствуваше вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој е во посета на општината.

- Излегуваме во пресрет на барањето на жителите на Росоман и решаваме едно децениско прашање. Резервоарот е составен дел на целокупниот систем за водоснабдување на Кавадарци и Росоман во кој вкупно се инвестирани 2,2 милиони евра со кои се изградени филтер-станица, цевковод и други потребни елементи, изјави Ставрески.

Средствата за изградба на резервоарот, како што рече вицепремиерот Ставрески, се обезбедени преку проект на Светска банка. Со него покрај обезбедување здава вода за пиење, ќе се намалат и трошоците на Јавното комунално претпријатие бидејќи нема да има потреба од пумпање на водата што досега претставуваше трошок.

Градоначалникот на Росоман, Стојанчо Лазов посочи дека водата е обезбедена од Кожув, а изградбата на резервоарот го решава проблемот што ги мачел жителите од овие населени места.

За време на посетата на Росоман, вицепремиерот Ставрески направи увид и на градежните работи на повеќе улици. Посочи дека Владата помагала и ќе направи напор да помогне и во иднина за да се подобрат локалните патишта, а исто така со нејзина поддршка изградени се и градинка, игралиште и други објекти.

- Росоман следната година може да очекува да биде поддржана со дополнителни 525 илјади евра за изградба на патот Росоман – Сирково, најави Ставрески.

Во Росоман вицепремиерот ќе ја посети и винаријата „Гоце Делчев“ со цел да се информира за текот на откупот на грозјето и дали се реализира како што е договорено.

- Се работи за винарија која има 200 вработени и која досега има откупено илјада тони грозје, а според најавите треба да откупи уште две илјади тони, рече министерот за финансии.

Во Росоман, како што посочи, со градоначалникот ќе разговара и за други прашања и проблеми за кои може да помогне Владата и да даде адекватна поддршка.