Груевски: Средствата за иновации сериозна поддршка за компаниите

Околу 1,8 милиони илјади евра ќе бидат инвестирани во следните три месеци за иновации наменети за старт ап и спин-оф компании, за комерцијализација на иновациите и за забрзувачи на развојот на иновативните компании.

Премиерот Никола Груевски, денеска одговарајќи на новинарско прашање, оцени дека се работи за сериозна поддршка за компаниите коишто имаат одредени иновативни идеи.

- Тоа ќе им помогне на иноваторите не само да се самовработат, туку преку комерцијализација на нивната иновативна идеја да вработат и други луѓе во нивните компании. На некој начин ова дава многу сериозен поттик на иноваторскиот дух во Република Македонија, рече Груевски по посетата на новата лабораторија на Клиниката за гинекологија во Скопје.

Од вкупните средства, околу 300 илјади евра ќе бидат наменети за старт ап и спин -оф компании, околу 400 илјади евра за трансфер на технологии, а 600 илјади евра за комерцијализација на иновациите. До крајот на годината уште 500 илјади евра ќе бидат инвестирани за акцелератори за новите компании со кои се очекува да се забрза нивниот развој.  

Според Груевски, формирањето на Фондот за иновации и на Комитетот за иновации е вистинскиот забрзувач на иновациите во Македонија.

- Работите одат добро, луѓето се задоволни. Макотрпната работа која ја имавме околу подготовката на Законот и формирањето на Фондот за иновации даваат резултати затоа што веќе се испорачани првите средства, а до Нова година ќе бидат испорачани дополнителни 1,8 милиони евра, нагласи Груевски.

Досега, Фондот за иновации објави еден повик со кој беа доделени 458 илјади евра на 16 иновативни компании.