Заврши темелната реконструкција на Здравствениот дом во Прилеп

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска го посети Здравствениот дом во Прилеп, каде беше означено завршувањето на градежните зафати за првата темелна реконструкција на таа јавна здравствена установа. 

Тодоров изјави дека инвестицијата е 15 милиони денари и комплетно е обновена фасадата, сменети се дограмата и подовите и направени се уште неколку внатрешни реконструкции.

- Задоволни сме од работите кои почнаа во ноември и за граѓаните на Прилеп е обезбедена подобра здравствена инфраструктура. Овој Здравствен дом немал поголема реконструкција од 1956 година кога е изграден. Тоа е долг период во кој е запустена здравствената инфраструктура и затоа чувствувавме потреба и обврска да го завршиме овој ветен проект, истакна Тодоров.

Според него, со проектот за реконструкција се опфатени 34 здравствени домови во државата.

- Се реконструираа и  здравствените домови во регионот, во Кривогаштани, деновиве бевме во Крушево и Демир Хисар каде се завршени работите.  Бидејќи здравствените домови се првите пунктови каде  се обраќаат граѓаните за лекарска помош и каде се сместени голем дел од матичните лекари. Чувствувавме обврска да преземеме ваков обемемен проект, рече Тодоров.

Што се однесува до проектот „Рурален доктор“, посочи дека официјално стартува од понеделник.

- Сите подготовки се направени, привршуваат огласите за вработување лекари и медицински сестри за потребите на проектот. Очекувам од понеделник 80 отсто од проектот да функционира и очекувам големи ефекти од него, изјави Тодоров.

Нагласи дека многу се инвестира во здравството и во тек се повеќе проекти. Здравството, посочи Тодоров, неоправдано долг период беше запоставен сектор, а сега има повеќе инвестиции и проекти.

- Една таква инвестиција имаше во Прилепската болница, се инвестира во здравствените домови, исклучително е значаен проектот „рурален лекар“, а битен е и проектот „Домашна визита“ со кој ќе бидат опфатени 10.000 повозрасни граѓани кои ќе бидат посетувани во домовите. Од информациите што ги добивам, проектот е исклучителен зашто добар дел од граѓаните и не биле свесни дека имаат здравствени проблеми. Откриени се граѓани кои имале хипертензија или дијабетес, а не биле свесни за тоа, истакна Тодоров.

Директорот на Здравствениот дом-Прилеп, Петар Ристески, изјави дека во институцијата се вложени три милиони денари во апаратура, како што е стрес апаратот во Одделот за спортска медицина, орторајтер апаратот за проверка на видот и ЕКГ во Одделот за трудова медицина. Посочи дека дека Здравствениот дом набавил и возила за домашно лекување.

- Проектот „Рурален лекар“ во општина Прилеп на 27 пункта се одвива од почетокот на годинава, а од понеделник ќе има уште 10 пункта во Кривогаштани и Долнени, додаде Ристески.