Пуштен во употреба обновениот пат во населените места Лозово и Сарамзалино

Во Лозово, денеска, во присуство на вицепремиерот Владимир Пешевски и градоначалникот на Општина Лозово, Орце Цветковски свечено беше означен завршетокот на првата фаза од работите на реновирање на патот од клучката Велес преку Лозово до Кадрифаково. 

Како што информира вицепремиерот Пешевски, извршено е проширувања на постојниот коловоз од 6,4 на 7 метри во населените места Лозово и Сарамзалино. Патот низ овие населени места е целосно осветлен со нови електрични инсталации и обнова на сообраќајната сигнализација. Изведувач на работите е австриската фирма Штрабан АГ.

- Со реновирање на оваа високофреквентна делница од овој пат, отсега патувањето низ овие населени места ќе стане многу побезбедно, потенцира вицепремиерот Пешевски.

Целосното реновирање на овој патен правец во вкупна должина од 25,9 километри, ќе се изведува во три фази. Втората фаза, како што најави вицепремиерот Пешевски, ќе започне во април, годинава. Во втората фаза ќе се става трета лента во Лозово во должина од 8,9 километри. Делницата комплетно ќе се рехабилитира и ќе се извршат проширувања на постојниот коловоз од 6,4 на 11,1 метри, а ќе чини 5,8 милиони евра.

Третата фаза, која ќе започне во мај - јуни годинава, е на релација Лозово-Сарамзалино-Кадрифаково во должина од 10,7 километри. Делницата целосно ќе се рехабилитира и ќе се изврши проширување на постојниот коловоз од 6,4 на 11,1 метри.

Градоначалникот на Општина Лозово, Орце Цветковски во изјавата зе медиумите потенцира дека реновирањето на овој пат е многу значајна инвестиција на Владата, за нивната и останатите општини од Источна Македонија бидејќи патот е еден од најфрекфентните.

Тој потенцира дека со негова реконструкција благодарение на заложбите на Владата ќе се елиминираат црните точки на патот каде има чести сообраќајки и ќе се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот.