Почна изградбата на бункер за нов акцелератор во штипската Клиничка болница

Министерот за здравство Никола Тодоров, штипскиот градоначалник Илчо Захариев и директорот на Клиничката болница во Штип, Александар Стојановски денеска поставија камен-темелник за изградба на бункер во кој ќе биде сместен нов акцелератор. Станува збор за инвестиција вредна околу 860.000 евра.

Тодоров истакна дека ќе биде направен бункер по сите стандарди во кој ќе се наоѓа акцелератор за зрачење на заболени од малигни заболувања.

- Во рамки на Клиничката болница во Штип, минатата година се дијагностицирани над 1.300 пациенти со малигни заболувања, од кои околу 1.000 се дијагностицирани преку компјутерскиот томограф кој е во функција, а околу 300 дијагнози се на магнетната резонанца, која што исто така е инсталирана и е веќе во функција, посочи Тодоров.

Тој истакна дека на над 1.300 пациенти од источна Македонија на кои им е дијагностицирано одредено малигно заболување им е потребна терапија со зрачење на новиот акцелератор, а тие во моментов таа терапија ја добиваат во Клиничкиот центар во Скопје.

- Идејата е на најтешко болните лица да им се овозможи терапијата да ја добиваат во местото на живеење или во близина на местото на живеење. Во Штип е Клиничката болница и практично кон оваа болница гравитира населението од целиот исток, вели Тодоров.

Потенцира дека акцелераторот веќе е набавен и Министерството за здравство има склучено договор за него, кој ќе биде доставен по изградбата на бункерот. Во рок од четири месеци, укажа министерот, очекувам да биде завршен бункерот за новиот акцелератор, по што ќе следи  калибрирање и други активности за негово монтирање.

- Ова значи дека очекувам наредната година во ова време или на почетокот на наредната година да почнеме и со првите интервенции и со нормално и редовно функционирање на акцелераторот. Очекувам дека со оваа вредна инвестиција ќе се подигне и квалитетот и стандардите на здравствените услуги и ќе им се помогне на луѓето кои се во најтешка здравствена состојба, нагласи Тодоров.

Градоначалникот на општина Штип, Илчо Захариев истакна дека по старот на изградбата на автопатот Штип-Миладиновци денеска источна Македонија има и уште една вредна инвестиција во областа на здравство, а која е наменета за најтешко болните лица на кои им е дијагностицирано малигно заболување.

Директорот на Клиничката болница-Штип, Александар Стојановски рече дека со новиот линеарен акцелератор и новата апаратура ќе се подигне нивото на давање здравствени услуги за пациентите со малигни заболувања.