Средба Грковска - Вик: Секоја држава треба да обезбеди пристап до технологија и интернет, како и вештини и знаење за таа технологија да се користи и унапредува

Во рамките на работната посета на Естонија, со цел подетално запознавање со процесот на дигитална трансформација на општеството, заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска имаше средба со Линар Вик, експерт за дигитализација, кој бил директно вклучен во дигитализацијата на естонското општество.

Двајцата соговорници разговараа за начините како Република Северна Македонија на ефикасен начин дигитално може да го трансформира општеството, вклучително и дигитализирање на услугите кои се многу важни за граѓаните. Разговорот беше исклучително корисен имајќи предвид дека господинот Вик бил советник во естонската Влада во периодот кога се носеле важните политички одлуки за интензивно започнување на дигитализацијата. Истовремено, тој е запознаен и со развојот на интернет пристапот и дигитализацијата во Република Северна Македонија во последните десетина години.

Вицепремиерката Грковска потенцираше дека Република Северна Македонија има постигнат значаен напредок во одредени области, но дека внесувањето на податоците во базите е процес за кој е потребно време.

Базите на податоци, нагласи Вик, како што се регистрите на население, на правни субјекти, како и на земјиштето, се многу важни во процесот на дигитализацијата кој треба да биде базиран на постоењето на електронска лична карта.

Вицепремиерката Грковска и експертот за дигитализација се согласија дека во овој процес важно е да се обезбеди пристап до технологија и интернет, вештини и знаење за таа технологија да се користи, но и знаење како таа технологија понатаму да се унапредува.

Во процесот на дигитализацијата, оцени Вик, важно е првично да се обезбеди пристап до дигиталните услуги на оние на кои тоа им е најпотребно и најчесто ги користат. Начинот на кој дигитализацијата ги олеснува услугите до граѓаните обезбедува прифаќање на оваа промена, за која секако неопходно е време.

Вицепремиерката Грковска, во рамки на Проектот за унапредување на дигитализацијата на Република Северна Македонија, а во соработка со естонскиот Центар за меѓународен развој и со поддршка на Соединетите Американски држави, е во тридневна посета на естонските институции кои се носители на естонското дигитално општество.