„Бучим“ го произведе првиот македонски катоден бакар, инвестицијата 11 милиони евра

Во Фабриката за лужење и производство на катоден бакар во рудникот Бучим - Радовиш денеска беше произведен првиот македонски катоден бакар. Инвестицијата од 11 милиони евра е на руската компанија „Солвеј“, која стопанисува со рудникот. На почетокот на производството присуствуваше вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

- Оваа нова фабрика за производство на катоден бакар ќе придонесе за подобрување на македонското производство, потоа за индустријата, но и за извозот. Околу 17 милиони долари ќе биде вкупниот годишен ефект од производството на овој погон. Отворени се 65 нови работни места, а сето тоа зборува за квалитетот и развојот на рудникот Бучим, рече Ставрески.

Според него нема друг начин да се намали невработеноста освен преку инвестиции и очекува и други домашни компании да продолжат со инвестициите.  Намалувањето на стапката на невработеноста за 0,5 отсто, што го објави Државниот завод за статистика, смета министерот е умерено, но сепак значајно бидејќи се случува во време кога во светот има сериозна економска криза.

Тој забележа дека рудникот Бучим е водечки во инвестирањето во секторот рударство, а позитивно ја оцени и веста за новата инвестиција на рудникот Бучим во општина Пехчево, каде што ќе се отвори нов рудник за Бакар. Инвестицијата во новиот рудник ќе изнесува околу 100 милиони евра.

Заменик менаџерот на рудникот Николајчо Николов истакна дека годишниот капацитет за производство на новата фабрика, во која по пат на електролиза ќе се произведува катодниот бакар, е над 2.500 тони. Во фабриката ќе се обработува јеловината, но и сортискиот отпад од сиромашната бакарна руда.

- Новата фабрика за производство на катоден бакар е еколошки проект, еколошка инвестиција,  а токму со оваа инвестиција веќе ја нема сино зелената боја по Меденеска Река, вели Николов.

Фабриката за лужење и производство на катоден бакар во моментов работи со една третина од сопствениот капацитет со што раководството најави дека наредната година ќе се реализира производство на 2.500 тони катоден бакар кое е наменет исклучиво за извоз.